Османи доаѓа со документот од Мадрид, вечерва ќе ја информира Владата


Шефот на дипломатијата Бујар Османи соопшти дека се враќа од Мадрид вечерва  заедно со предлогот на францускиот лидер Емануел Макрон, но не сакаше да изнесе детали додека за него не се расправа во Владата. Османи не сакаше ни да дава оценка за предлогот, не рече дека е „земи или остави“, но нагласи дека е последен на француското претседателство и затоа треба за него добро да се размисли.

„Од Мадрид се враќаме со нов изменет предлог на француското претседателство кое веднаш ќе биде ставено во процес на институционална консултација и увид на јавноста. Огромна благодарност до претседателот Макрон, целото претседателство со ЕУ, како и на канцеларот Олаф Шолц, за нивните особени напори да се обезбеди нов ревидиран предлог како нова шанса да се деблокираат европските интеграции на земјава и целиот регион“, напиша Османи.

Тој вели дека пред два дена лично ги водел разговорите во Софија околу последната форма на документот.

„Ако го прифатиме предлогот , преговорите со ЕУ ги започнуваме следните денови“, вели Османи.

Тој исто така посочи дека тоа што го објавуваат некои медиуми кај нас не е финалниот предлог кој француското претседателство го сподели денеска со Владата преку Министерството за надворешни работи и најави дека јавноста веќе утре ќе биде запозната со содржината. 

– Имаме целосно разбирање од јавноста за потребата да бидат запознаени со содржината на предлогот, но во исто време ќе замолиме за кратко трпение со цел да поминат консултациите низ институциите и предлогот соодветно да биде презентиран. Како што беше ветено, почнуваме процес на широки консултации и автентичниот предлог интегрално ќе биде ставен на увид на јавноста, додава Османи во објавата.

Владата денеска соопшти дека од француското претседателство со ЕУ преку Министерството за надворешни работи и бил доставен предлог со идеи кои се однесуваат на нашите јавно изнесени позиции и ставови.

Според премиерот Димитар Ковачевски во овој предлог се земени предвид нашите позиции и барања, додека според претседателот Стево Пендаровски, тој е далеку подобар за нас од претходниот, ико внатре се вклучени унилатералните декларации за јазикот. Неофицијално се дознава дека  во предлогот стои чист македонски јазик во ЕУ, а Протоколот и историските прашања не се дел од преговарачката рамка.  Албанскиот лидер Еди Рама, пак, објави дека предлогот нуди безусловен пристап и го отвора патот за официјален почеток на преговорите за членство на двете земји во Европската Унија, што би требало да значи дека почетокот на преговорите не се условува со внесувањето на Бугарите во Уставот – односно да не мора да заврши тој процес па да почне вистинскиот старт на преговорите. Дали е така, ќе се види кога ќе биде објавен предлогот.  

Во Софија, каде што беше објавена само изјавата на франсускиот претседател владее и натаму молк, што сугерира дека на тамошната елита и беше една недела да слави и триумфира за да ја донесе одлуката, а сега на ред е Македонија да го направи евентуално истото тоа.  Тоа е и причината веројатно што токму сега бугарската влада реши да протера дури 70 руски дипломати покривајќи ја целосно темата со Македонија. Инаку, кога се гласаше одлуката Народното собрание испрати дополнителни услови чија судбина не е позната сега. Со нив се бараше:

– Појаснување на текстот на нацрт-заклучоците на Советот, за да се гарантира влезот на Бугарите во Уставот на РСМ во одредбите во кои се споменуваат другите народи и на рамноправна основа со овие народи;

– Подобрување на предложената нацрт-преговарачка рамка и нацрт-заклучоците на Советот со цел појасно да се одрази фактот дека ништо во процесот на пристапување на РСМ во ЕУ не може да се толкува како признавање на јазикот од страна на Република Бугарија ;

– Да се ​​обезбеди добрососедството да остане хоризонтален критериум во текот на процесот на пристапување на РСМ во ЕУ, за чие спроведување ЕК ќе го информира Советот пред секоја меѓувладина конференција;

– Вклучување на повикување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година и на записниците од состаноците на Мешовитата меѓувладина комисија во  Преговарачката рамка.