Оската на негирање

Зошто десничарските и левичарските противници за помош на Украина и оправдување за Русија најдоа заедничка точка на интерес?


Пијаниот сопруг одеднаш доаѓа дома и се вовлекува во креветот покрај сопругата и нејзиниот љубовник. „Драга, јас сум толку пијан што мислам дека шест нозе излегуваат од под јорганот“, вели тој. „Не грижи се“, одговара жената. „Оди до вратата и повторно погледни оттаму“. Мажот станува, оди до вратата, па се врти кон креветот: „Во право си, сега ми олесна. Ги има само четири!“

Можеби шегата е вулгарна, но дава важен увид. Во принцип, очекуваме да ја видиме ситуацијата подобро однадвор отколку одвнатре. Но, понекогаш страничниот поглед е тој што нѐ спречува да ја видиме вистината. Во вицот, излегувањето на сопругот од ситуацијата (одењето до вратата) создаде лажно чувство на учество што го натера да ги гледа нозете на љубовникот како свои.

Слична динамика наоѓаме и во поддршката на Западот за Украина. Ги затвораме очите пред фактот дека домашната олигархиска клика веројатно ќе излезе како најголем победник во украинската борба. Не треба да бидеме изненадени ако се покаже дека повоената Украина е слична на предвоената, која беше корумпирана од олигархијата и колонизирана од големи западни корпорации за да ги стави под нивна контрола најквалитетното земјиште и природните ресурси. Додека правиме лични жртви за воените напори, не можеме да видиме дека придобивките ќе ги присвојат другите, исто како пијаницата што мисли дека се неговите нозе под јорганот – можеби затоа што, длабоко во себе, одбива да ја признае вистината.

Можеме ли да ја избегнеме оваа замка? Паневропската организација „Европа, пациентот“ одржа серија дискусии во средината на јуни во Лондон за заштита на украинските заедници од економска експлоатација по војната. Ваквите иницијативи се потребни повеќе од кога било, бидејќи поддршката за одбраната на Украина мора да оди рака под рака со прашањата за еколошка и социјална правда. Сето ова е подеднакво важно за иднината на државата. Можеме целосно да ја поддржиме Украина само ако ја ослободиме и од контролата на индустријата за фосилни горива, која се потпира на руската нафта.

Сè е потешко да се игнорира мешавината на воени, еколошки и социо-економски битки. Војните и еколошките прашања драматично се судрија при уништувањето на браната Каховка кај Херсон на почетокот на јуни.

Се разбира, Украина не е изолиран случај. Отприлика во исто време, шумските пожари во Канада го задушија Њујорк со облаци од сив чад, давајќи им на жителите на градот поглед на она што луѓето ширум глобалниот југ премногу добро го знаат. Иако постојано зборуваат за климатската криза и еколошкиот распад, богатите западни земји сè уште прават малку.

Оваа ограничена перспектива не припаѓа само на десницата и на корпоративниот сектор. Многумина од левицата денес тврдат дека го поддржуваат мирот, додека се залагаат за компромис со бруталните, ревизионистички авторитарни режими.

За да ја разбереме „пацифистичката“ опозиција, да се потсетиме на почетокот на Втората светска војна, кога имаше коалиција на десницата и левицата која се противеше на американското учество во странски војни. Тогаш, како и сега, „пацифистите“ тврдеа дека ситуацијата во Европа не е работа на Америка. Тие негуваа чудни симпатии кон агресорот и тврдеа дека од одењето во војна ќе има корист само воено-индустрискиот комплекс. Кога, во летото 1940 година, нацистичка Германија му кажа на Обединетото Кралство дека сака мир, тие тврдеа дека Британија треба да ја прифати великодушната понуда на Хитлер.

Како и сите добри лаги, и оваа содржи зрно вистина. Американскиот конзервативен коментатор Патрик Џ. Бјукенан понуди верзија на тој аргумент во 2008 година кога рече дека холокаустот не би бил толку страшен доколку Винстон Черчил ја прифатил понудата на Хитлер од 1940 година.

Уште повеќе, вели понатаму аргументот, исто како што Черчил ја доведе Британската империја до пропаст со предизвикување непотребни војни со Германија, американскиот претседател Џорџ В. Буш ги доведе САД во пропаст следејќи го примерот на Черчил. Како и многумина од левицата, Бјукенан не верува дека САД треба да гарантираат помош за земјите во кои немаат витални интереси.

Нова варијација на овој мотив се појавува во контекст на украинската војна. Очигледно, распадот на Советскиот Сојуз го имаше истиот ефект како и Версајскиот договор: создаде предвидлива желба за одмазда над победниците од последната војна.

Како и во минатото, овој нов сојуз на десницата и левицата е водена од теории на заговор, како што се оние што се шират за вакцините од Роберт Кенеди џуниор и следбениците на Доналд Трамп. Тој сојуз ги осудува мерките против пандемијата како инструмент за контрола. Тој се противи на помагање на Украина, бидејќи тоа е од корист за воено-индустрискиот комплекс на НАТО. Типичниот модел е да се негира најголемата закана со која се соочуваме како едноставен трик на големите корпорации кои сакаат да ја експлоатираат работничката класа.

Се разбира, политиката на негирање – кога се гледаат само четири нозе – нескриено е оптимистичка. Не мора да се занимаваме со нови опасности; можеме да се преправаме дека не постојат. Тоа е производ на популизмот и на левицата и на десницата и една од главните причини зошто западнавме во „демократска рецесија“. Како што забележува Грејс Блејкли од „Трибјун“, „Авторитаризмот е во пораст и покрај либералните предвидувања дека проширувањето на слободните пазари ќе доведе до поголема демократија – тоа е затоа што капитализмот секогаш ќе ги брани општествените хиерархии од заканата од економската еднаквост“.

Ова тврдење можеме да го пренесеме понатаму: заканата за демократијата, исто така, доаѓа од лажниот популистички отпор кон корпоративниот капитализам, отелотворен во одбивањето на „пацифистичката“ левица да ја поддржи Украина бидејќи тоа ќе им користи „само“ на трговците со оружје. Конечно, Украина одамна е колонизирана од западните корпорации и само преку „зелена“, праведна реконструкција таа навистина ќе биде ослободена.

За да ја избегнеме нашата неволја, не можеме само да се држиме до повеќепартиската либерална демократија. Мора да најдеме нови начини да изградиме општествен консензус и да воспоставиме активни врски меѓу политичките партии и граѓанското општество. Непосредна задача е спротивставување на новите левичарско-десничарски популисти, а тоа може да бара усогласување со експонентите на капиталистичката либерална демократија – исто како што комунистите во Втората светска војна се бореа заедно со западните „империјалистички“ демократии против фашизмот, знаејќи многу добро дека империјализмот е нивниот краен непријател. Тоа беше чудна ситуација во креветот, но барем знаеја чии се нозете.

(Славој Жижек, професор по филозофија на Европската школа за постдипломски студии, е меѓународен директор на Институтот за хуманистички науки Биркбек на Универзитетот во Лондон. Текстот е дел од мрежата „Проект синдикејт“.)