Орце Камчев прво му се пожалил на Заев?

Бизнисменот Орце Камчев, кој во случајот „Империја“ на Специјалното јавно обвинителство е осомничен, а во најновиот случај на редовното обвинителство е сведок, заканите за рекет прво му ги пријавил на премиерот Зоран Заев.

„Се обратиле бизнисмени до мене кои не се од Скопје дека биле уценувани и се знае, како што постапува секој граѓанин така постапува и премиерот – го пријавил тоа. Потенцирам, премиерот тоа го пријавил“, рече Заев вчера на прес-конференција.

Тој не сакаше да прецизира дали токму бизнисменот Орце Камчев му се пожалил дека е мета на рекет, туку само рече дека доволно кажал. Од Обвинителството за гонење организиран криминал за „Независен весник“ потврдуваат дека Заев пријавил кај нив.

„Премиерот усно нè извести мене и јавниот обвинител на РСМ, притоа изразувајќи подготвеност да дојде и да поднесе кривична пријава на записник. Но ние му советувавме сведокот да дојде во Обвинителство и да пријави“, вели раководителката на Обвинителството, Вилма Русковска.

Ниту таа не сакаше да каже дека се работи за овој случај, но вели дека првпат премиерот им кажал за ова во втората половина на април. Со оглед на тоа дека истрагата против неформалниот сопственик на 1ТВ, Бојан Јовановски, познат во јавноста како Боки 13, е отпочната на 2 мај, најверојатно Камчев му се пожалил за рекетот прво на Заев, па потоа поднел кривична пријава во Обвинителството.

Засега ниту еден друг бизнисмен не се охрабрил и не отишол да пријави дека Јовановски му барал рекет. Во овој случај засега се гонат само Јовановски и Зоран Милески-Кичеец под сомнение дека изнудиле 1,5 милион евра од Камчев. Боки 13 му ветувал на Камчев дека ќе влијае на специјалната обвинителка Катица Јанева, за да ја запре истражната постапка против него за случајот „Империја“.

Кичеец, пак, ги договарал средбите меѓу Камчев и Боки 13. Обвинителството нема обезбедено докази за Јанева, односно уште не се знае дали е злоупотребена или вмешана во рекетирањето. Неа, пак, никаде ја нема, си даде оставка истовремено кога беше уапсен Боки 13 и не се појавува во СЈО. Заев негира дека ја спасувал Јанева, односно дека тој е високиот функционер со кој наводно специјалната јавна обвинителка се слушнала и од кого барала помош кога ѝ го одзеле телефонот, а полицијата имала и налог за претрес.

„Може да прочитаме сè и сешто. Не сум се слушнал со Катица Јанева. Денес може да читате сè. Верувам дека граѓаните може да оценат што е што. Ако нешто се случило, тоа можете сами да го утврдите и ќе ги прашате соодветните луѓе, можете да прашате некои дипломати или поранешни дипломати, како што ме прашавте мене, но Јавното обвинителство соопшти дека било во нејзиниот дом, не е извршен претрес, но ѝ е одземен мобилниот телефон со цел да се види нејзината поврзаност или соучество со Бојан Јовановски или, пак, да се увиди дали таа е злоупотребена“, рече Заев.

И премиерот порача дека за секој што се огрешил во државата и за кој постојат докази треба да одговара и порача дека истрагата треба да покаже каква е улогата на Јанева.

„Имаме таму веќе осомничени лица, во истрага каде што судот определил притвор со одредени аргументации што ги даде обвинителството. Постојат индиции кои покажуваат дека предрасуди не постојат за никого, законот важи за сите и тоа е сериозна придобивка. Дали некој бил близок до власта или власта го поддржувала или како носител на функција…, тоа може да заврши во истиот момент ако си се огрешил пред законот“, рече премиерот.

Но застана зад Јанева сè додека не се докаже дека е виновна.

„Кога луѓе што се бореа за правда и покажаа храброст во време кога сите шeпотеа… додека не се докаже дека е инволвирана во криминал, секако дека стојам зад неа како личност“, рече Заев.

ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш проширување на истрагата и притворање на Катица Јанева поради можност за бегство, влијание врз сведоци од позиција на специјален јавен обвинител и уништување докази.

„Правото и правдата мора да владеат во Република Македонија, а тоа е можно само доколку криминалниот картел наречен СДСМ и Заев си заминат од власт и веднаш распишат предвремени парламентарни избори“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Фото: Б. Грданоски