Орбан: Преовлада здравиот разум, парите на Унгарците се заштитени


Унгарија– По договорот за буџетот на ЕУ и фондот за економско закрепнување, постигнат на самитот на Унијата во Брисел, премиерот на Унгарија, Виктор Орбан соопшти дека преовладал разумот и оти парите на Унгарците се заштитени.

На видео објавено на Фејсбук, Орбан вели дека е постигнат договор и оти преовладал здравиот разум, како и дека е зачувано европското единство.

– Победивме затоа што во тешки времиња, за време на пандемија и економска криза, нема место за политички и идеолошки дебати што не спречуваат да преземеме нешто, истакна Орбан во четвртокот.

Сепак, тој рече дека на маса има уште предлози кои Унгарија не ги поддржува, како што е прашањето за миграцијата и мерките против семејството што „Брисел ги планира“.

И покрај можните несогласувања за иднината, денес дефинитивно постигнавме три цели, истакна Орбан.

Тој објасни дека Унгарија успеала да спречи заобиколување на Договорот за ЕУ, како и да биде принудена да прифаќа одлуки што не ги сака.

Покрај тоа, ќе бидат заштитени и парите на граѓаните на Унгарија, истакна Орбан.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел на Твитер објави дека на самитот е постигнат договор за буџетот на ЕУ и фондот за економско закрепнување.