Орбан ја урна тврдината на независното новинарство – сменет главниот уредник на највлијателниот портал


Саболч Дул ја напушта зградата на „Индекс“ откако беше сменет од функцијата главен уредник

Веб-страницата „Индекс“ има половина од прегледите од сите независни медиуми заедно

 

Главниот и одговорен уредник на водечката независна веб-страница за вести на Унгарија е сменет еден месец откако тој јавно покрена аларм за политичко мешање во работењето на медиумот.

Разрешувањето на Саболч Дул од неговата улога во „индекс.ху“ во средата се чини дека е уште еден удар што се случи против изворите на вести кои не ја поддржуваат екстремно десничарската политичка линија на премиерот Виктор Орбан, кој е на власт веќе една деценија .

НВО „Репортери без граници“ ја ставија Унгарија на 89-то место на годишниот рејтинг за слобода на медиуми оваа година, со што стана втора најлоша земја во ЕУ за слобода на печатот.

„Индекс“, најголемиот портал за вести на Унгарија, се смета за последен голем независен играч во локалните медиуми.

„’Индекс’ е моќна тврдина што сакаат да ја урнат“, рече Дул во прошталниот говор пред редакцијата, видео кое беше објавено на страницата за вести 444.hu.

Провладин бизнисмен се здоби со значителна контрола над финансирањето на „Индекс“ оваа година. „Индекс“ минатиот месец стави итно предупредување до следбениците во кое предупредува дека нејзината независност е изложена на ризик заради надворешниот притисок. На веб-страницата се вели дека го менува својот статус од „независен“ во „во опасност“.

Во средата попладне повеќе од 90 новинари на „Индекс“ потпишаа отворено писмо, објавено на веб-страницата на порталот на унгарски и англиски јазик, како поддршка на Дул. „Оваа одлука е неприфатлива за нас“, напишаа тие. „Причината за разрешувањето на Дул беше тоа што тој јасно стави до знаење дека нема да попушти пред уцените“.

Агнес Урбан од „Мертек“, невладина организација за набљудување на медиуми, рече дека не е јасно дали овој потег се сведува на личен конфликт или политичка наредба. Во секој случај, таа го опиша отпуштањето како „црн ден за унгарската слобода на медиумите“.

Една проценка сугерира дека „Индекс“ зафаќа речиси половина од прегледите на сите независни весници во Унгарија. „Стана неверојатно силен бренд за цела генерација. Кога ги прашувам моите студенти од универзитетот од каде добиваат политички вести, повеќето од нив на прво место велат ‘Индекс’“, рече Урбан.

Ласли Бодолаи, шеф на фондацијата кој е сопственик на издавачот на веб-страницата, негираше дека „Индекс“ е ставен под политичка контрола, велејќи дека Дул е отпуштен бидејќи не може да ги контролира внатрешните тензии, предизвикувајќи пад на приходите од реклами. „Политичката независност на ‘Индекс’ не е загрозена“, рече тој во писмото до вработените.

Во четвртокот, неколку новинари на Индекс дадоа откази во знак на протест поради неговото разрешување.

Потпретседателката на Европската комисија, Вера Јоурова, изјави дека има „големи загрижености“ за состојбата во „Индекс“.

Заминувањето на Дул се случи еден ден откако унгарскиот премиер Виктор Орбан го напушти Брисел објавувајќи победа во преговорите за буџетот на ЕУ, за време на кои тој се бореше да го намали предлогот за поврзување на финансирањето со критериумите за владеење на правото.

„Изразив голема загриженост за состојбата во медиумите во целина во Унгарија и, исто така, конкретно ситуацијата во ‘Индекс’“, рече Јоурова, потпретседателка на Комисијата за вредности и транспарентност, пред новинарите во четвртокот.

„За да имаме слободни и фер избори, треба да имаме загарантиран број медиуми и слобода на говор, затоа ја разгледуваме ситуацијата со загриженост во Унгарија“, рече потпретседателката, повикувајќи се на „висок ризик“ за политичка независност.

Јоурова се осврна и на контроверзното спојување на над 400 унгарски провладини медиуми под капата на Централноевропската фондација за печат и медиуми, истакнувајќи дека „овој унгарски случај го сфаќаме многу сериозно“ и дека Комисијата ќе разгледа дали групацијата е во согласност со правилата за конкуренција.

„Индекс“ изгради репутација за вести и тешки истраги, вклучително и откритија дека унгарските власти прифатиле мито во замена за доделување пасоши на руски и украински граѓани. (Гардијан, Политико)