Општините во Скопје ќе примаат Ромчиња во градинките на свој трошок


Општина Центар и Општина Гази Баба почнаа со упис на деца Ромчиња од загрозени семесјтва или деца од згрижувачки семејства, за кои трошоците целосно ќе ги покријат општините, во рамки на проектот „Инклузија на деца Роми во јавните општински установи – детски градинки“.

Општина Центар и оваа година запишува до 20 дечиња од ромска националност во градинката „Раде Јовчевски Корчагин“.

Овој проект општината го реализира во соработка со Министерството за труд и социјална политика од 2011 години и по овој повод градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски присуствуваше на презентација на постигнатите резултати од спроведувањето на проектот.

Станува збор за упис до 20 дечиња од 3 до 6 години кои доаѓаат од згрижувачки семејства или приматели на социјална помош на кои општината им ги покрива месечните трошоци за посетување на градинката Ј.У.Д.Г. на О.Ц. Раде Јовчевски Корчагин.

„Општина Центар работи на инклузија во образованието вклучувајќи го и предучилишното образование со цел да се надминат стереотипите и предрасудите во градинките, социјализација на децата уште од рана возраст и учење на македонскиот јазик на децата кои ќе ја посетуваат градинката. Преку учество во овој проект исто така работиме на отстранување на бариерите за пристапот на децата Роми до предучилишните установи со цел да се намали јазот помеѓу Ромите и останатите етнички заедници во делот на образованието. Нас особено ни е важно да ја зголемиме свеста и кај родителите на децата Роми и да ја истакнеме важноста  за раниот детски развој и подоцнежното образование како единствена алатка за успешна интеграција во општеството“, истакна Герасимовски.

И Општина Гази Баба е дел од проектот за инклузија на деца Роми во детските градинки.

– Утрово во Клубот на пратеници учествував на настанот на кој се презентираа постигнатите резултати од реализацијата на проектот „Инклузија на деца Роми во јавните општински установи и детските градинки” – вели градоначалникот Бобан Стефковски.

Општина Гази Баба заедно со ЈУДГ „25 Мај’ беше дел од проектот во рамки на кои се инклузираа 20 дечиња Роми во рамки на детската градинка.

– Секое дете е важно и токму затоа општина Гази Баба се приклучи на овој проект со цел инклузија на децата Роми во воспитниот процес уште од најмали нозе, а потоа истото да продолжи и низ образовниот процес – додава Стефковски.