Општините потрошиле речиси 800.000 евра за новогодишно украсување, рекордер Штип
Центарот за граѓански комуникации објави истражување за новогодишното украсување во општините според кое тендерски постапки за таа цел спровеле 36 општини.
-Во најголем дел, тендерите за новогодишно украсување ги спровеле самите општини, а во
помал дел, овие тендери ги спровело некое од нивните локални јавни претпријатија.
31 од овие 36 општини доставиле податоци за склучените договори за украсување до
Електронскиот систем за јавни набавки, заклучно со 12 јануари 2026 година. Преостанатите 6
општини сè уште не доставиле известувања за склучените договори, иако законскиот рок е
само 10 дена по склучување на договорите.
Вкупната вредност на веќе склучените и објавени договори за украсување изнесува
48.297.986 денари, односно 785.333 евра. Сепак, се очекува вредноста на трошоците за
новогодишно украсување да расте со доставување на информациите од преостанатите
општини (Гостивар, Струга, Пробиштип, Пехчево и Крива Паланка), како и Општина Новаци
која има набавка на услугата за новогодишен огномет.
Анализата на вредностите на договорите покажува значителни разлики во трошоците за
новогодишно украсување меѓу општините, без јасно образложение за обемот и содржината
на услугите. Највисокиот договор достигнува над 80 илјади евра, додека други општини за
истата намена издвоиле неколкукратно помали износи. Така, најмногу пари потрошила Општина Штип -81 илјада евра, додека Градот Скопје и пет други скопски општини
заедно потрошиле 185 илјади евра – сите со една иста фирма. Штип потрошил за украсување 111 денари по жител, а Скопје 8 денари. На 81 % од тендерите за украсување немало
конкуренција, односно учествувала само по една фирма така што една иста фирма, Линк Медиа Плус, добила 78 % од вредноста на сите тендери за украсување во земјава, стои во анализата.