Општините немаат капацитет за подготовка на документација за проекти, па им се формира Фонд


Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, ја истакна важноста на потпишувањето на договорите за финансирање на техничка документација за приоритетни инфраструктурни проекти, во рамките на Вториот повик на Фондот за техничка документација. Според министерот, ова е значаен чекор за унапредување на капацитетите на општините и нивната способност да обезбедат квалитетни развојни проекти.

На денешниот настан по повод потпишување на договорите, тој истакна дека овие активности имаат директно влијание врз развојните политики на општините и нивната способност да аплицираат за домашни и странски фондови.

-Во изминатиот период, увидовме дека многу општини – особено помалите – се соочуваат со ограничени човечки ресурси, недостаток на квалитетни проектни идеи и неподготвена документација. Токму затоа, сметаме дека не само што е неопходен овој Фонд за техничка документација, туку неговата улога треба да се надгради со дополнителни задачи, рече тој.

Продолжувањата на овие активности, според министерот, ќе обезбеди подобра соработка помеѓу општините и централната власт, и поголема апсорпција на домашните и странските фондови достапни за локалните самоуправи.

На настанот се обратија постојаниот претставник на Обединетите нации, Армен Григорјан, амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Џеин, и директорот за Бирото за регионален развој, Даут Мемиши.