МОН објави јавен повик за ромски образовни медијатори – ќе се ангажираат 50 во основните и 35 во средните училишта


Фото: Б. Грданоски

До 7 октомври се отворени јавните повици на Министерството за образование и наука (МОН) за ангажирање ромски образовни медијатори за поддршка на образованието на Роми од социјално загрозени семејства или кои се подолго време надвор од образовниот систем.

Со повиците се бараат 50 медијатори во основните и 35 во средните училишта за поддршка на учениците Роми во оваа учебна година.

Од МОН појаснуваат дека улогата на образовниот медијатор е да помогне и презема активности за подобрување на информираноста за можностите и пристапот до училиштата, спроведува редовни средби за сензибилизација на населението и вработените во училиштето со спецификите и потребите на ранливите групи во делот на образованието. Исто така, тој редовно соработува со стручните соработници и наставниците за подобрување на постигањата на учениците и презема активности за намалување на напуштањето на воспитно-образовниот процес на учениците.

Образовните медијатори во основните училишта ќе се ангажираат во општините: Шуто Оризари, Карпош, Ѓорче Петров, Чаир, Центар, Кисела Вода, Аеродром, Гази Баба, Бутел, Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар, Битола, Прилеп, Куманово, Штип, Кочани, Виница, Делчево, Берово, Велес/Градско, Кавадарци, Крива Паланка, Охрид, Неготино, Илинден и Радовиш.

Привремено ќе бидат ангажирани и 35 образовни медијатори во средните училишта во: Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар, Битола, Прилеп, Куманово, Штип, Кочани, Виница, Делчево, Берово, Охрид, Струга, Велес, Неготино и Кавадарци.

Кандидатите треба да се невработени или вработени со скратено работно време, да се државјани на Република Северна Македонија и да се припадници на ромската етничка заедница. За ангажманот тие ќе добиваат месечен хонорар од 20.000 денари за период од најмногу два месеца во текот на 2026 година и осум месеци во 2027 година. Во повиците на МОН се наведени задачите и обврските што ќе ги имаат ромските образовни медијатори, критериумите што треба да ги исполнат кандидатите, како и информации за начинот на аплицирање.