Општина Охрид ќе продолжи со поддршка за подвизите на Марко Пејчиновси


Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков денеска го прими младиот пливачки херој Марко Пејчиновски, кој викендов исплива 64 километри во водите на Охридското Езеро, на релација Охрид – Струга – Свети Наум – Охрид.

Тој најави дека Општината ќе даде поддршка за Марко, со надеж дека и во иднина ќе продолжи да биде спортски пример за неговите врсници и идол за идните генерации.

– Фасциниран сум од храброста и посветеност на овој исклучителен млад охриѓанец и не постојат доволни силни зборови со кои може да се упати најсоодветна честитка за неговите легендарни подвизи во пливањето, на кои се горди сите охриѓани, истакна Пецаков.

На средбата, како што соопшти општинската прес-служба, двајцата соговорници разговарале за условите за развој на индивидуалното пливање и водените спортови во Охрид. Било потенцирано дека е потребно што поскоро да се создадат услови за тренинзи во затворен простор, што е од особена важност во зимските месеци.

Шеснаесет годишниот Марко Пејчиноски е дете кое поради здравствената состојба, инфаркт на долните екстремитет 99 проценти плива само со рацете. Тој е најмладиот пливач кој го препливал Охридското Езеро од Охрид до Свети Наум во двата правци. Со последниот пливачки подвиг, Марко ги заврши најавените 10 препливувања на разни релации на Охридското Езеро, во вкупна должина од 250 километри, што е своевиден рекорд, кој до сега не го постигнал ниту еден пливач.