Општина Куманово: Управниот суд го укина решението на Антикорупциска кое се однесуваше на градоначалникот и претседателот на советот
Управниот суд го поништил решението на Антикорупциската комисија кое се однесува на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски и претседателката на Советот, Атина Мургашанска, информираа денеска од општината.
-Управниот суд на Република Северна Македонија го поништи решението на Антикорупциска комисија 12-22570/9 од 06.05.2019 година кое се однесува на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски и претседателот на Советот на општината, Атина Муграшанска.
Антикорупциската комисија донесе решение по дадена претставка на ВМРО-ДПМНЕ, за наводно користење на општински простории во Куманово за промоција на тогашниот претседателски кандидат Стево Пендаровски. Управниот суд смета дека при донесувањето на решението на Антикорупциска комисија нецелосно ја утврдила фактичката состојба, поради што не била во можност да цени дали правилно е применето материјалното право, стои во известувањето на општината.
Според Управниот суд и приложените докази, салата ја користат повеќе политички субјекти, здруженија и невладини организации со оглед на фактот дека на подрачјето на Општина Куманово нема друга соодветна сала.
– Исто така било укажано и дека салата не е во сопственост на Општина Куманово и нема исклучиво фактичко владение на истата. Поради тоа од тужбените наводи и доказите приложени кон тужбата произлегува дека не е со сигурност јасно дали просторот во кој се одржала средбата со граѓаните е во фактичко владение сега на Општина Куманово, имајќи предвид дека за предметната зграда се води судска постапка за утврдување на правото на сопственост, а кое нешто го потврдува и самиот тужен орган. Наведеното, дотолку повеќе што диспозитивот на оспорената одлука не содржи податоци по однос на недвижноста која е предмет на спорот, се наведува во соопштението на општината.