Општина Кисела Вода отвора канцеларија за социјална поддршка на идните млади брачни парови


Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски и претседателката на Здружението на социјални работници, проф.д-р Светлана Трбојевиќ, потпишаа меморандум за соработка за отворање Канцеларија за социјална поддршка на идните млади брачни парови.

Стручни професионалци ќе бидат вклучени во давањето на социјална поддршка на  младите парови при подготовка за брак,  стручна помош во информирање и упатување  за остварување на нивните права од системот на социјална заштита, зголемување на  нивната свесност за можните социјалните проблеми кои можат да се  јават во текот на нивното заедничкото живеење како и позитивното родителство, се вели во соопштението од Општина Кисела Вода.

На  Здружението на социјални работници на град Скопје, им се обезбедува простор, во населба Кисела Вода, за работа додека тие го обезбедуваат стручниот кадар – тим од стручни работници кои ќе даваат стручна помош и поддршка.

Канцеларијата ќе работи во среда од 16:00 до 20:00 часот и сабота од10:00 до 16:00 часот.

Стручната помош  и поддршка од страна на тимот се бесплатни. Потребно е претходно да имате закажано термин на телeфонскиот број 02/3212 690. Термините се закажуваат  во понеделник од 10.00 до 12:00 часот.

Канцеларијата ќе започне со работа од 01.11.2024 година, се вели во соопштението до медиумите.