Општина Кисела Вода и „Меѓаши” со проект за унапредување на детските права


Преку 30-месечен проект, финансиран од Делегацијата на ЕУ, ќе се унапредува заштитата на правата на децата преку изготвување локален акциски план во општините низ Македонија.
Проектот опфаќа пет општини, а Кисела Вода е единствената скопска општина каде веќе се спроведуваат активности во насока на зајакнување на капацитетите за унапредување на локалното стратешко планирање и воведување алатки за мониторирање на состојбата со детските права, како и за подигнување на свеста околу ова важно прашање.

На информативната сесија „Место за растење: Општини посветени на децата”, организирана од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши” и Центарот за семејно и детско згрижување – КМОП Скопје градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ја истакна улогата на локалната самоуправа во процесот на создавањето на заедница во која децата можат да растат и да се развиваат, во сигурно опкружување кое го стимулира нивниот интелектуален потенцијал.

Проектите кои општината досега ги има преземено се во насока за заштита на правата на децата, а потребна е заедничка и системска поддршка од сите институции, образовни установи, здруженија на граѓани, родители, бидејќи децата се најранливата и најважната категорија во нашето општество.

– Ставивме во функција две градинки, едната од нив е првата целосно инклузивна во Скопје, реконструиравме повеќе училишни објекти, од кои повторно ќе го издвојам училишниот објект на ООУ „Кузман Јосфовски Питу”, кој исто така е целосно инклузивен, бидејќи на овој начин ги унапредуваме условите за буквално сите дечиња, без разлика со какви предизвици се соочуваат. Тука се и реновирањето на неколку училишни сали, изградбата на сензорни соби, опремувањето со смарт табли на училиштата бидејќи пристапот до најновите технологии, им овозможува да стекнат знаења и вештини потребни за успешно справување со предизвиците на современиот свет. Во насока на обезбедување на повеќе простор за детска игра и активности, активно работиме на изградба на нови паркови како што е на пример паркот „Иднина” и паркот, односно веќе спортско-рекреативен центар кај местото викано „Оксиген”, реконструкцијата на постојните паркови и шеталишта, огромниот број на детски катчиња кои се нови или со обновени содржини и многуте манифестации каде задолжително организираме програма прилагодена за дечињата. За децата со церебрална парализа, отворивме бесплатен клуб за социјализација и развој – рече Ѓорѓиевски.

Акцискиот план за правата на децата, чии темели ги поставуваме преку ваквите информативни сесии секако треба да содржи и чекори со кои ќе се се зголеми свеста за заштита на децата од насилство и злоставување.

Во општина Кисела Вода веќе активно функционира локалниот совет за превенција преку кој, како новина во нашето општество, понудивме на локално ниво системско решение за справување со булингот.

– Имено, на жртвите од врсничко насилство или на нивните блиски им ставивме на располагање телефонска линија каде може да добијат поддршка од тим од психолози од невладиниот сектор, кои потоа, во координација со општинските служби ќе делуваат директно во училиштето за спречување на насилната појава. Секако, проблемот може да се пријави и во училиштето, а пријавата може да биде и анонимна бидејќи насекаде се поставени кутии за пријави за булинг. Знаејќи дека ваквите проблеми не се реткост, добра вест е дека жртвите се охрабриле и дека на овој телефон веќе пристигнале неколку пријави, истакнал градоначалникот Ѓорѓиевски, потенцирајќи ја вредноста на ваквот проект кој го спроведуваат првата детска амбасада Меѓаши и КМОП Скопје.