Општина Карпош врши дезинфекција на станбените згради во населбата Козле


Комуналните служби на Општина Карпош денеска ги дезинфицираат влезовите од згради во населбата Козле. Се дезинфицираат влезните врати, сандачињата, гелендерите и лифтот.

-Оваа акција се спроведува во текот на целата недела. Се дезинфицираа зградите со повеќе од осум домаќинства, во сите населби на територија на општината. Во текот на утрешниот ден, ќе бидат дезинфицирани и зградите во Влае, со што целосно ќе се покријат сите станбени единици во Карпош, велат од општината.

Оттаму информираат дека хигиеничарите користат посебно средство за дезинфекција, кое служи и за чистење на јавни површини.

Локалната самоуправа продолжува и со миење и дезинфекција на локалните улици и јавните површини (тротоари, плоштади и платоа) во Карпош.

-Ги повикуваме сите граѓани да се придржуваат до препораките за заштита од коронавирусот, да одржуваат зголемена хигиена во влезовите и заедничките простории од згради. Сите носиме одговорност за јавното здравје, велат од општината.