Општина Карпош со финансиска поддршка за ученици, спортисти, културни друштва


Членовите во Советот на Општина Карпош на денешната 23-та седница ги одобрија одлуките за одобрување финансиски средства за летен одмор на ученици од семејства во потешка материјална состојба од општината, како и финансиски средства за награди за полуматуранти-првенци на генерација за заедничко патување од општинските основни училишта кои се наоѓаат на територијата на локалната самоуправа за учебната 2018/2019 та година.

На оваа седница, соопштија од Општината, се одобрени и парични награди за првенците-полуматуранти од општинските основни училишта од Карпош, како и за наградна домашна или меѓународна повеќедневна спортска екскурзија. Финансиски наградни средства добија и професори-тренери и индивидуално прогласени ученици спортисти во училишните спортски игри Карпош 2019 година, како и менторите на хоровите од училиштата во локалната самоуправа за хорскиот натпревар меѓу училиштата во оваа учебна година.

Финансиска поддршка со одлука на Советот на локалната самоуправа, е одобрена и за одбојкарскиот клуб „Фит Фан Волеј Скопје“, спортскиот клуб „ О.К Вардар Скопје“, фудбалскиот клуб „Академија Пандев- Карпош“, „Лепенец Скопје“, фудбалскиот клуб „Карев“, „Карате клуб Скопје“ и други.

Одобрена е и финансиска поткрепа за АКУД „Мирче Ацев“, фолклорното друштво „Етнос“, МКУД „Цветан Димов“, како и за друштвото за дизајн „Арт Крафт Дизајн Дооел Скопје“, и финансиска поддршка за прф.д-р Марјан Димитријевски.