Општина Чаир додели 600 илјади денари помош за Турција, Берово 150.000


 Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу денеска го пречека тимот на спасувачи на Доброволното здружение на пожарникари „Бајрам Мифтари“ од општина Чаир, кои се вратија од спасувачката акција што ја спроведоа во турските региони погодени од катастрофалниот земјотрес на 6 февруари.

 -Во оваа прилика нашите херои Артан Демири, Хетем Арслани, Сефер Демири и Исуф Јакупи ме информираа за акцијата за спасување човечки животи. Со многу емоции тие раскажаа за ситуацијата во турските градови по земјотресот, како и за моментите на радост што ги почувствувале кога спасувале животи и по 118 часа под урнатините на зградите, изјави градоначалникот Ганиу.

Тој рече дека нема зборови со кои може да се опише нивното херојство, хуманост, храброст, како и на сите членови на спасувачките тимови кои учествуваат во оваа хуманитарна акција во Турција.

Инаку, Општина Чаир вчера додели 600.000 денари финансиска помош за погодените од катастрофалниот земјотрес во Турција.

Општина Берово со парична поддршка за настраданите во земјотресот во Турција и Сирија

 Советот на Општина Берово на денешната седница додели 150.000,00 денари за настраданите граѓани, во земјотресот во Турција и Сирија. На седницата која имаше хуманитарен карактер, советниците едногласно донесоа одлука,  дека се откажуваат од надоместокот, кој им следува согласно Законот за одржување  седници.

Одлуката во име на Советот на Општина Берово ја соопшти претседателката Марија Буровска.

 
 -Со длабоко жалење и вознемиреност,  ја примивме веста, за катастрофалниот земјотрес во Турција, која пристигна утрото на 06.02.2023 година. Секојдневно преку медиумите, ги следиме страшните слики и се молиме, да се спасат повеќе луѓе. Како и сите, така и ние, советниците во Советот на Општина Берово,  сочувствуваме и сакаме да помогнеме и да овозможиме на преживеаните полесно да ги пребродат овие тешки моменти , да можат да се стоплат, нахранат, облечат и да си обезбедат свој топол дом, истакна Буровска.
 
Во име на Советот на Општина Берово упати искрено сочуство до семејствата на загинатите, апелирајки дека секој треба да помогне во таквите тешки моменти и сите да се вклучат во светската кампања, за помош на настраданите. 
-Свесни сме дека ништо не може да ги надомести изгубените животи, не согласно можностите на нашата општина , искажуваме сочуство и сакаме да помогнеме, додаде Буровска.
 
Претходно одлука за парична поддршка на настраданите од земјотресот во Турција и Сирија донесе и Советот на Општина Делчево.