Општина Центар ќе додели 400.000 денари за помош на Петриња во Хрватска


Урнати куќи во Петриња

 Советот на Општина Центар на вчерашната 59. седница донесе одлука да додели парична помош во висина од 400.000 денари за граѓаните на Петриња и Сисак во Република Хрватска, по разорниот земјотрес кој се случи на 29 декември минатата година.

Ова доаѓа по предлог на градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, а одлуката беше изгласана едногласно од страна на сите советници.

-Земјотресот чиј епицентар беше близу до Петриња, на 50-тина километри од главниот град на Хрватска, Загреб, одзеде најмалку седум животи, многумина ги остави без домови и покрив над главите и целиот град го претвори во рушевина, посочуваат во соопштение од Општина Центар.

Средствата ќе бидат уплатени во Фондот за солидарност на посебната сметка на Црвениот крст на Република Северна Македонија, и во најбрз можен рок ќе им бидат достапни на граѓаните на Петриња и на Сисак.