Општина Центар ја одби Арсовска споменикот на Ќосето да се врати пред судовите


Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска од Општина Центар побарала дозвола за враќање на споменикот на Андон Лазов-Ќосето пред судовите во Скопје. Општината веднаш го одбила ваквиот предлог на Арсовска, појаснувајќи дека такво барање може да упати до Собранието.

Таа поднела барање до Општина Центар да добие согласност за започнување на постапката за враќање на споменикот на истата локација од која е отстранет.

Во врска со последните написи во медиумите, Општина Центар информира дека е пристигнато Барање испратено од Град Скопје за добивање согласност за почнување на законска постапка согласно која би отпочнала процедура за враќање на спомен обележјето на истата локација, на крстосницата помеѓу булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“.

-Општина Центар во петокот испрати одговор до градот во однос на барањето, во кој стои дека општината нема надлежност во овој дел. Согласно Законот за меморијалните споменици и спомен обележја („Службен весник на Република Македонија“ бр. 66/04; 89/08 и 152/15 и „Службен весник на Република Северна Македонија бр. 013/21“), надлежностите за подигнување на споменици се наоѓаат во Собранието на Република Северна Македонија, додека општините можат да подигнуваат спомен обележја само за личности и настани од локално значење. Согласно членовите 3 и 5 од Законот за меморијални споменици и спомен обележја, е дефинирано дека Настаните и личностите што се одбележуваат со меморијален споменик треба да се од исклучително значење за развојот на државноста на Република Северна Македонија и за нејзиниот државно-правен континуитет и да се вградени во историскиот развој на земјата, се во надлежност на Собранието на Република Северна Македонија, наведува Општината.

Според градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на погрешна адреса е испратено барањето.

-Ќосето нема никаква врска со Општина Центар ниту пак е лик од локално значење и оттаму, ова прашање не може да се третира на општинско ниво. Град Скопје треба да се обрати до Собранието. Што се однесува до самиот споменик, во минатото институциите утврдија бројни законски прекршувања при поставувањето на истиот, меѓу кои и Законот за поставување на спомен обележја. Верувам дека институциите во однос на овој случај ќе постапат целосно според законот, бидејќи во минатото истиот предизвика многу контроверзии, вели Герасимовски и додава дека во членот 4 од Законот е наведено дека со спомен-обележјата се одбележуваат настани и личности кои се од локално значење и дека само тие можат да бидат подигнувани од општините и од градот Скопје.

Споменикот пред пет години беше отстранет по барање на тогашниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов кој тврдеше дека нема дозвола.

Шилегов тогаш рече дека градежниот инспекторат на Општина Центар ја проверил фактичката состојба, при што утврдил дека инвеститорот, Град Скопје, нема решение за поставувањето на овој споменик, што значи дека бил дивоградба.