Општина Центар испрати протестна нота до австриската амбасада поради непрописно паркирање

„Општина Центар – Скопје упатува најостар протест поради непрописното паркирање на дипломатско возило на австриската амбасада со регистарски таблици 22-CMD-01, кое на 8 октомври 2025 година (среда) било паркирано во пешачка зона во паркот во населбата Капиштец, во близина на улицата „Народен фронт“, наспроти угостителскиот објект „Интермецо“.
Општина Центар потсетува дека, и покрај дипломатскиот статус на возилата, почитувањето на локалните прописи и правилата за јавен ред и безбедност е основен принцип што важи за сите, вклучително и за дипломатските претставништва во Република Северна Македонија. Во таа насока, Општина Центар бара од Министерството за надворешни работи да ја извести Амбасадата на Република Австрија и да преземе соодветни дипломатски мерки за спречување на вакви случаи во иднина.
Општината ја користи оваа прилика да го изрази своето уверување во взаемното почитување и соработка со дипломатската заедница, во духот на добрите односи и меѓусебното разбирање“, стои во реакцијата на Општина Центар.