Општина Центар и годинава ќе организира настан „Прослава на животот на Горан Стефановски“


Општина Центар и годинава ќе организира настан „Прослава на животот на Горан Стефановски“ со кој традиционално го чествува роденденот на познатиот македонски драмски писател, 27 април.

-Годинешново одбележување ќе биде во насока на потенцирање на неговата љубов кон рокенролот и по тој повод ќе биде изведен музичко-драмски перформанс кој ќе вклучува извадоци од неговата театарска претстава „Лонг плеј“ посветена токму на рокенролот во изведба на артистот Александар Микиќ, како и неколку популарни рок нумери од ,,Леб и сол” и ,,Фолтин”, чиј автор на текстовите е Горан Стефановски, а по овој повод во изведба на Мирко Попов, Дина Јашари, Марија Каева и Владан Дробицки. Овој музичко-драмски перформанс е во режија на Јордан Симонов, информира градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.

Настанот ќе се одржи на 27 април (четврток), со почеток во 13:00 часот, на скверот „Јас и ти“ во Дебар маало (спроти Општина Центар).