Општина Аеродром: Ниту едно дрво на „Васко Карангелески“ нема да биде исечено


Со градежните активности на улицата ,,Васко Карангелески” која е под целосна надлежност на Град Скопје, останува исполнето ветувањето, дека ниту едно дрво нема да биде исечено.

Согласно комуникацијата која Општина Аеродром ја имаше со ЈП ,,Паркови и зеленило” како претпријатие на Град Скопје надлежно за зеленилото на оваа улица, ниту едно здраво дрво покрај улицата ,,Васко Карангелески” нема да биде исечено, туку напротив, неколку здрави дрвја ќе бидат дислоцирани и пресадени во зелениот појас на само неколку метри од локацијата.

Нешто порано, од СДСМ ги обвинија градоначалниците на Аеродром и на Скопје, Тимчо Муцунски и Данела Арсовска дека ветувале зголемување на зеленилото во Аеродром и во Скопје, а „делата покажуваат сосема спротивна состојба на терен. На ул. „Васко Карангелески“ повторно се сечат високостеблести зелени дрвјаЊ.

„Повторно прашуваме каде беше градоначалникот Муцунски да го штити зеленилото како што ветуваше токму од овде пред локалните избори? Зошто свесно ги лажеше граѓаните  дека нема да се сечат овие дрвја? Исто како и Муцунски, и Аросвска пред локалните избори ветуваше дека нема на ниту едно место во градот повеќе да се сечат дрвја и дека на тоа остро ќе се спротивставувала. Каде беше вчера и градоначалничката Арсовска да ја запре сечата?“, прашаа од СДСМ.