Општина Аеродром изготвува втора верзија на ДУП за дел од населба Лисиче


Фото: Б. Грданоски
Општина Аеродром соопшти дека ги прифатиле најголем дел од забелешките на граѓаните за Деталниот урбанистички план Лисиче и дека подготвуваат втора верзија за планот.
 
По завршувањето на јавната анкета и комплетирање на транспарентниот процес за изготвување на нов Детален урбанистички план за дел од населбата Лисиче, во тек е постапката за ревидирање на истиот во согласност со забелешките кои пристигнаа од граѓаните.
 
Втората верзија на овој ДУП се изработува откако комисијата за урбанизам ги разгледа и ги прифати најголем дел од забелешките во рамките на јавната анкета која се спроведе изминатиот период.
 
По завршување на оваа фаза, Општина Аеродром ќе објави нова ревидирана верзија на Деталниот урбанистички план. 

 

„Да го зачуваме Лисиче“ утре на протест

Жителите на населбата Лисиче, пак, преку социјалните мрежи повикуваат на протест кој е планирано да се одржи утре.

„Ние жителите на Населба Лисиче ве повикуваме на протестна блокада на булевар „Србија“ на 14.6.2023 со почеток во 17.30 часот. Заедно да кажеме стоп на урбаната мафија и насилната бетонизација која ни следува. Ги повикуваме сите граѓани кои се гневни на градежниот геноцид кој му се случува на Скопје, да дојдат и заедно да спречиме населба Лисиче да стане дел од таа приказна“, пишува во објавата на иницијативата „Да го зачуваме Лисиче“ на Фејсбук.

Во првичниот план стоеше дека треба да се девет згради , а жителите на населбата се против планот и бараат Општина Аеродром и градоначалникот Тимчо Муцунски да го повлечат.

Тие не сакаат бетонизација на населбата која е само со куќи и испланирана за индивидуално домување.

„Лисиче е најзагадена општина во Скопје, и сега со новиот план околу нашите куќи се цртаат висококатници. Ќе бидиме затворени со бетонски ѕид и целосно ќе се оневозможи протокот на воздух. Предлог-планот беше нетранспарентно објевен. За јавната презентација не знаеше никој, а дека во тек е јавна анкета дознавме неколку дена пред нејзиното завршување“, смета Тодор Коцаров, жител на населбата Лисиче.

Граѓаните го оспоруваат планот и поради тоа што им се зема од дворните места за пробивање улици. Од Општината велат дека главно станува збор за постојните улици, но според новите законски измени за градба, минималната ширина на улиците треба да е 5,5 метри, а не 3,5 метри како што беше досега. Велат дека новиот план мора да се нацрта според законските одредби, но тоа не значи дека сите улици ќе бидат изведени.