Опозицијата предлага амандмани за Предлог-буџетот за 2027 година, Владата ги одбива


Собраниската Комисија за финансирање и буџет и денеска ја продолжи амандманската расправа за предлог-буџетот за 2027 година, на која беа разгледани 12 амандмани поднесени од опозицијата. За предложениот буџет поднесени се 400 амандмани од овластени предлагачи.

Разгледаните амандмани од Левица се однесуваа на обезбедување дополнителни средства наменети за спроведување активности за урбанистичко уредување, евидентирање и заштита на просторот во рамките на светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, за финансирање на општините за изработка на детални урбанистички планови, повеќе пари за Државниот инспекторат за животна средина со цел, како што велат, за почести, понавремени и ефикасни проверки на индустриските загадувачи и обезбедување финансиска рамка за продолжување и завршување на проектот на пречистителната станица на територијата на општина Чучер Сандево за населбите Бел Камен и Кучевишка Бара.

Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски истакна дека се одбива амандманот за спроведување активности за урбанистичко уредување на Охридскиот регион поради тоа што Владата веќе презела конкретни мерки за заштита на овој регион.

-Владата веќе презема конкретни мерки за заштита на Охридскиот регион преку меѓуинституционална координација, усогласување на урбанистичкото планирање и спроведување на препораките од УНЕСКО. Формиран е и кризен штаб, доставен е извештај до УНЕСКО и е утврден план за понатамошно постапување. Ова ќе се реализира во рамките на планираните средства – рече Јанкуловски.

Поднесените амандмани од СДСМ и коалицијата се однесуваа на доизградба на колекторскиот систем и изградба на пречистителната станица во Крива Паланка, обезбедување финансиски средства за набавка на комунална механизација и возила за потребите за одржување на јавната хигиена, на миењето и чистењето на улиците и редовното собирање на кабаст отпад во општина Карпош и за обезбедување средства за набавка на специјализирани комунални возила и машини за потребите на Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ во Куманово.

Отфрлени беа и четири амандмани пооднесени од „Европски фронт“, кои се однесуваа на обезбедување финансиски средства за реконструкција на коритото на реката во липковското село Матејче, за продолжување на уредување на речното корито во липковското село Оризари, 16 милиони денари за завршување на изградбата на речното корито во липковското село Оризари и 12 милиони денари за завршување на изградбата на речното корито во липковското село Слупчане.

Седницата на Комисијата за финансирање и буџет со разгледување на предлог-буџетот за 2027 година продолжува по редовната пауза.