„Попустот“ за становите за млади брачни двојки што го најави Мицкоски, нема да важи за изградените објекти
Најмалку десет проценти од станбената површина во новите станбени објекти ќе треба да биде наменета за млади брачни двојки до 35-годишна возраст, кои ќе може да ја купат по цена најмалку 20 проценти пониска од просечната цена на становите во соодветната катастарска општина во претходната календарска година. Ова го предвидува законското решение на кое работат Владата и Министерството за транспорт, а кое набргу треба да биде доставено до Собранието – најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Сепак, како што објасни одговарајќи на прашање на новинарите дали мерките ќе важат и за веќе изградените станбени објекти, Мицкоски одговори дека законот нема да има ретроактивно дејство.
Мерката е дел од пакетот за олеснување на решавањето на станбеното прашање на младите брачни двојки, промовиран на годишната конференција на Унијата на младте сили на ВМРО-ДПМНЕ.
– Секоја градежна компанија која во иднина ќе гради објекти за домување мора однапред да определи најмалку десет проценти од станбената површина за домување, која потоа ќе биде понудена на млади брачни парови до 35-годишна возраст по цена што ќе биде минимум 20 проценти пониска од цената што се нуди за таа катастарска општина, а која била актуелна претходната година – рече Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање по одбележувањето 80 години од постоењето на ЈУ Детски дом „11 Октомври“.
Тој појасни дека врз основа на склучените купопродажни договори, точно ќе се одреди просечната цена на станбените единици во конкретната катастарска општина во претходната календарска година, при што становите наменети за младите брачни парови до 35-годишна возраст ќе бидат понудени со попуст од најмалку 20 проценти.
– Нашиот пристап е директен и јасен и прецизен – не е еден, два или три проценти од каматите на кредитите, туку минимум 20 проценти пониска цена за квадратен метар за брачен пар до 35 години, што ќе се споредува со просекот за катастарската општина од претходната календарска година за да нема понатаму шпекулации – изјави премиерот.
Втората мерка, додаде Мицкоски, се однесува на младите брачни двојки до 35 години, кои ќе сакаат да изградат сопствен дом, односно куќа. Според најавата, општините нема да може да им наплатуваат комуналии, а и за оваа мерка ќе биде предложено законско решение.
Премиерот нагласи дека очекува поддршка од сите пратеници за законските измени.
Во однос на можните злоупотреби при утврдувањето на цените на становите, Мицкоски рече дека дополнителни прецизирања ќе има во законот и во подзаконските акти. Според него, споредувањето со просечната цена врз основа на реалните купопродажни договори треба да оневозможи вештачко зголемување на цената на квадратот.
Тој додаде дека за становите наменети за младите брачни парови ќе има утврден горен праг на цената, а кај другите станбени единици цените ќе продолжи да ги диктира пазарот.
– Тука имаме дискусија поради тоа што пазарната економија ги одредува цените за другите станбени единици, односно пазарот диктира која ќе биде цената, со оглед дека имате побарувачка, ќе имате и понуда. Но ние ќе се обидеме и тука да воведеме одредена регулација, но која нема да ја задира пазарната економија – посочи премиерот.