„Опасен коктел на потресна убавина и божем „оладена“ болка“: Елизабета Шелева за есеите на Никола Маџиров
Тој останува недопрен и резистентен кон сеприсутната логореја во јавноста и непишаниот закон, кој владее денес: „publish or perish“ (Објави или исчезни)

Првата есеистичка книга на еден од најпознатите и најпреведувани македонски писатели во светот, Никола Маџиров – „Дом во тишина“, пак ја собра културната елита на промоција во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на „Денови на литературата“. Уредничката Оливера Ќорвезироска, во таа пригода, потенцира дека „ Дом во тишина“ е многу значајна книга за современата македонска книжевност. Таа, вели, како и претходната книга на Маџиров во „Арс Ламина“ – „Шестарот на времето“, го собира на едно место распрсканото од Маџиров. „Шестарот на времето“ ги собра сите негови песни, а во „Дом во тишина“ се најдоа сите негови есеи претходно публикувани во светот, на други јазици, но и сосема нови.
Маџиров се заблагодари на сите што присуствуваа на промоцијата, на која се зборуваше за тишината, за сенките, за домовите… и кажа дека „оваа книга немаше да биде ако не беа разговорите за домовите и невдоменоста со Елизабета Шелева, ако не беа мислите и тишините на драгите пријатели при сите прошетки и битки…
Еве што напиша проф.д-р Елизабета Шелева, истакната литературна критичарка и теоретичарка, и универзитетска професорка на Општа и компаративна книжевност на Филошкиот факултет во Скопје, за есеите на Маџиров. Таа, минатото лето, на Научната конференција на Семинарот за македонски јазик, говореше на тема: „Н. Маџиров и поетиката на (не)вдоменост“.
„Никола Маџиров не објавува често, напротив! Неговите стихови и книги по правило умеат долго да чекаат, без (трескавично) брзање да зреат и долго да „отстојуваат“, сѐ додека не ја достигнат усвитената густина и непореклива тежина на Зборот.
За одмерен, сериозен и зрел поет како Никола Маџиров – голото и често присуство на лајковите по социјалните мрежи не е предизвик, ниту цел – како што не е ниту трескавичното брзање/итање да се об-јавува и при-јавува по секоја цена. Тој останува недопрен и резистентен кон сеприсутната логореја во јавноста и непишаниот закон, кој владее денес: „publish or perish“ (Објави или исчезни).
Есејот како (креативен) мегдан
За разлика од многу поети, кои лично ги познавам по нивниот нескриен подбив, презир, уплав или просто (надмена) одбивност кон книжевната критика – за писател како Маџиров –
критиката (есеистиката) е само уште еден, нов и возбудливо стокмен предизвик, примамлив и недоистражен мегдан за творечки подвизи, добредојден повод и уште една прилика за дотогаш негибнато себе-истражување и себе-одмерување во поинакво искуствено поле. Небаре скок со падобран во вртоглавата бездна на насобраните букви.
Задоволство е да се читаат есеите на Маџиров поради богатите и несекојдневни асоцијативни споеви и продлабочени рефлексии за болката на животот и неминовноста на носталгијата и отровниот микс од каење и болка по отсутното.
Овие есеи се меѓу останатото и приемчиво срочени лекции/уроци за филозофско соочување (помирување) со траумата на минатото, со отсуството како тивко и репетитивно умирање, со Домот како (за)секогаш загубена дестинација.
Зрелоста и сериозноста, посветеноста со која Маџиров пристапува кон есејот како жанр на виделина ја изнесува богатата и раскошна одора што есејот може суверено да ја износи – само доколку неговиот потписник е навистина доволно смел, имагинативен, рефлексивен, а пред сѐ – меланхоличен.
Тоа непогрешливо се препознава по нему својствената економија на болката. Маџиров на уникатен начин умее да го стокми тој опасен коктел на потресна убавина и божем „оладена“ болка.
Овие атрибути на есеите од Маџиров се особено скапоцени токму денес – кога (наместо слободни креативци) – ние буквално станавме робови или измеќари за техничко средување на текстот – станавме робови на фуснотите (фетишизација на библиографските техникалии и детали од втор ред).
За Маџиров како поет, но и есеист – номадизмот и странствувањето претставуваат и свесно избрана артистичка/теориска позиција (а не само „гол“ биографски факт, што сведочи за нечија физичка преселба другаде).
Како писател, тој останува препознатлив и обземен од непостојаноста, ерозијата на времето, непрестајната просторна изложеност и ранливост на човекот, невидливиот (а толку драматичен) судир/вкрстување на внатрешните и надворешните светови, јаства.
3. Симболиката на насловот, или, неколку збора за Домот (и поетиката на невдоменост)
Поетиката на невдоменост – во себе го содржи како потресно сведоштво доживотниот расцеп, што владее меѓу Делото како личен жиг (рана) и Потеклото како фетиш.
„Невдоменоста“ – е и концепт кој пред сѐ го оспорува фетишот на потеклото – во име на предимството на индивидуалната отстапка, жртва, траума – како егзистенцијални предуслов(и) на автентичното дело!
Лична автентичност – наместо триумфална патрилинеарност и „наследственост“!
До болка лична (и скапо „платена“) автентичност – наместо непотизмот (во сите форми) што владее како неприкосновена, (подземна) практика особено во општества и култури, каква што е нашата!
За разлика од тоа, прочуениот германски философ Питер Слотердијк во својата книга „Страшните деца на новиот век“ ќе ги препознае и признае како носители на прогресот и развитокот токму „бастардите“, копилињата (или феудално „невдомените“)!
4. Седум атрибути на есеите од Маџиров
1. Ранливоста како (подзаборавен) квалитет на секое човекување (кревкоста наспроти сентименталноста и/ли позерското афектирање)
Ниту во своите песни, а уште помалку во своите есеи, Маџиров не настапува од позиција на суетен писмотворец!
Скромноста, питомоста, кроткоста во спрега со мудрата резигнација е, наспроти тоа, неговата „лична исказница“.
Можеби затоа е толку присен и приемчив за читање неговиот есеј, кој било да е при тоа неговиот конкретен и непосреден поттик (дали е нечиј стих или друг запис, реминисценција од патување, лично писмо упатено до вистинските сродници, кои ги има ширум светот, чинам, како ниеден друг автор кај нас).
2. Помирување на непомирливото и мегдан со непоимливото – оксиморонскиот принцип и јазикот на Парадоксите.
3. Зен есеи – кои го изоструваат окото, духот, мислата, спиритуалниот поглед и прашалник.
4. Афористичен модус – краткопотезен, ефектен, кондензирачки.
5. Вроден копнеж (диоптер наштиман кон и) за далечините:
„Се родив со далечина во очите. Диоптерот ми се менува и светот со него.“
6. Револт кон злоупотребата на јазикот и претворање на поетот во (банална, но високопрофитабилна) врева:
„Кога поетот се повлекува, се гледа сето светкаво ѓубре на химничните фалби и на сеприсутноста. Тишината на поетот некогаш е крик. Крикот на поетот е оружје против планираните отсуства и војни. Поетот се повлекува кога го вовлекуваат во баналноста на повторливото минато или на револуциите што ги јадат своите фетуси, во празниот хедонизам на црвените датуми“.
7. Есејот како обид да се сочува и одбрани невиноста на едноставниот и проѕирен исказ во одбрана на сеќавањето, како обид да се „закова” во незаборав, сето она што во молк страда, пригмечено од суровиот поход на времето.
Во прилог на тоа, Маџиров ќе каже: „Пишувањето е сенка на осаменоста, а книжевноста е стражар во сиропиталиштето на сите напуштени сеќавања. Најголемите трговци на заборавот се препишувачите на судбините, диктаторите, инженерите на човечкиот живот. Стравот од заборавање нѐ тера да се вратиме кон детството“.
Есеите на Маџиров се нешто повеќе од необврзни „обиди“ (како што алудира францускиот корен на овој граничен жанр).
Есеите на Маџиров, по својата структура, попрво ги откриваме како инвентивни перформанси кои пленат со својата суптилна мисловна запрашаност, афективна длабочина и елегантно стегната стилска изведба!
Слободни, отворени, загадочни, овие луцидни записи, преписки и поенти, ненаметливо проткаени со фрагменти од лични и историски анегдоти – нудат блескав пример и уверлив доказ, дека есејот не е запустено (баталено) сираче, туку вистински принц на книжевната авантура! За да се оствари и постигне тоа, неопходно е „само“ едно: умот, душата, јазикот и раката што пишува да располагаат со прониклива опсервација, испосничка строгост кон зборот, уникатна смисла за ризик (и креативен престап)!“