Онлајн конференција „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност“
Конференција „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност“ ќе се одржи денеска на онлајн платформата Зум, во организација на Фондацијата „Метаморфозис“ и „Евротинк“.
На конференцијата, која ќе започне од 11 часот, ќе учествуваат носители на одлуки, експерти, активисти,новинари, функционери од земјата и странство кои ќе ги споделат своите ставови за тековните состојби поврзани со спротивставување на напливот на дезинформации и медиумски манипулации преку иницијативи за развој на медиумската писменост, критичкото мислење, проверката на факти и промоција на новинарската етика и стандардите за добро владеење.
На конференцијата, како што најавија од Фондацијата „Метаморфозис“, ќе се обратат евроамбасадорот Дејвид Гир, министерката за образование и наука Мила Царовска, националниот координатор за стратегиски комуникации во Владата Марјан Забрчанец.
– Конференцијата ќе понуди можност да се слушнат уникатни перспективи и да се учествува во енергични дискусии врзани со предизвиците и можностите во и вон дигиталната сфера, наведуваат во соопштението.
Проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ е финансиски поддржан од Европската Унија, а настанот е кофинансиран од Фондацијата за слободата „Фридрих Неуман“.