ОМО „Илинден-Пирин“ го обвинува Радев дека зборува лаги и клевети

Од организацијата на Македонците велат дека никогаш не пропагирале сепаратистички тенденции, а зборовите на Радев ги окарактеризира како „ниска политичка култура“


Стево Пендаровски прими осуммина претставници на Македонците од Бугарија

 

Реакциите се тркалаат како снежна топка по посетата на претставници на здруженијата на Македонците од Бугарија кај претседателот Стево Пендаровски.

По денешната изјава на бугарскиот претседател Румен Радев дека имало „сепаратистички ставови и малцинские тврдења“ од здружението на Македонците во Бугарија ОМО „Илинден – Пирин“ експресно одговорија дека неговите зборови биле неодговорни.

„Неговата изјава е лага и клевета и како таква е срамна за сите, а особено за претседателот бидејќи срамот паѓа на сите граѓани. Нашата партија никогаш не пропагирала сепаратистички идеи. Досега ниту една македонска организација или Македонец во Бугарија не се обвинети, судени или осудени за сепаратистички дејствија. Лагата за сепаратизам се користи за да се оправда систематската дискриминација на која подлежат бугарските граѓани со македонска самосвест, што доведе до 14 пресуди против Бугарија од страна на Судот за човекови права“, велат од ОМО „Илинден-Пирин“.

Дискриминацијата на Македонците во Бугарија, како што наведуваат, се рефлектирала во секој извештај на меѓународна институција за човекови права во врска со Бугарија во изминатите 18 години, и затоа земјата била ставена под зголемен мониторинг во Комитетот на министри.

Според нив, изјавата на Радев била и израз на ниска политичка култура.

„Но, освен лаги и клевети, изјавата на Радев е израз и на ниска политичка култура. Тој ги поврзува малцинските права со сепаратизмот и во нив гледа нешто лошо и неприфатливо. Да го потсетиме дека Бугарија ја ратификуваше Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и дека Република Бугарија во минатото официјално го призна македонското малцинство, кое оттогаш беше подложено на брутален прогон во комунизмот. А за информација на Радев, бидејќи тој одбива не само да нѐ прими, туку дури и да одговори на нашите барања за средба – се бориме за демократизација и европеизација на Бугарија, за човекови права, за запирање на негирањето на македонското малцинство, запирање на систематската дискриминација, стигматизација, говор на омраза и маргинализација применети против него“, нагласуваат од ОМО „Илинден-Пирин“.

Тие порачуваат дека нивната желба е да им се овозможи на бугарските граѓани со македонска самосвест рамноправно и целосно да учествуваат во јавниот и политичкиот живот во земјата.