Омбудсман: Се задржуваат малолетни лица во Прифатниот центар за странци во Гази Баба
Во Северна Македонија и натаму се спроведуваат колективни депортации на лица бегалци, без притоа да бидат почитувани официјални процедури. Тоа што особено загрижува е фактот што и покрај укажувањата на Народниот правобранител да не се задржуваат малолетни лица во Прифатниот центар за странци во Гази Баба, сепак биле нотирани случаи на задржување малолетни лица, без притоа да бидат употребени други посоодветни алтернативи на задржување, соопштува Народниот правобранител.
По повод Меѓународниот ден на бегалците, омбудсманот изразува загриженост што и во текот на изминатата 2018 година се уште продолжуваат да се провлекуваат истите проблеми што беа нотирани изминатите години.
Народниот правобранител констатира дека во текот на 2018 година, ниту едно лице барател на азил се нема стекнато со статус на признаен бегалец, а евидентен е и проблемот со реализацијата на планот и програмата за интеграција на лицата бегалци во Република Северна Македонија.
Омбудсманот апелира за подигање на јавната свест во однос на придонесот што бегалците го даваат на општествата и заедниците кои ги примаат, и воедно укажува на потребата од зајакнување на системот на правна заштита и остварување на правата на бегалците кои се сместени во Прифатните центри во државата.
Во 2018-та година, вкупно 70,8 милиони луѓе се присилно раселени низ светот поради војна, прогони и судири во своите земји.
Од вкупниот број бегалци низ светот, дури две третини се со потекло од Сирија, Авганистан, Јужен Судан, Мјанмар и Сомалија, се наведува во соопштението од Народниот правобранител.