Олга Даниловиќ ја победи Венус Вилијамс на отворањето на Австралија Опен
Мелбурн – Еден од мечевите на стартот на Австралија опен кој привлече внимание беше дуелот на 45-годишната Венус Вилијамс против Олга Даниловиќ, кој заврши со победа на српската тенисерка од 2:1 во сетови. Во третиот сет Венус водеше со 4:0 во гемови, но го загуби сетот со 6:4.
– Беше феноменален меч, со многу енергија од публиката, која беше неверојатна и тоа едноставно ми даде сила. Таа играше одлично, имаше и малку среќа, но таков е спортот, изјави Венус Вилијамс.
Венус не прецизираше дали ќе игра уште мечеви во поединечна конкуренција оваа година, но напомена дека во Мелбурн ја очекува меч во двојки и нејзиниот фокус сега е на тој меч.
Натпреварот траеше два часа и 17 минути. Даниловиќ е рангирана на 69-то место во светот, додека Вилијамс (45) е рангирана на 578-мо место на ВТА ранг-листата.
Даниловиќ ќе игра против победничката од натпреварот помеѓу Американката Коко Гоф и Узбекистанката Камила Рахимова во второто коло од првиот Гренд слем турнир во сезоната.
Не се игра секој ден против Венус Вилијамс
Српската тенисерка Олга Даниловиќ денес во Мелбурн изјави дека е среќна за победата против Американката Венус Вилијамс во првото коло на Австралија Опен.
„Не беше лесно. Кога излеговме на теренот… реков пред натпреварот дека сакам… Не да уживам, тешко е, но не се игра секој ден со Венус Вилијамс. Имаше нервоза, а потоа си реков да играм поен поен. Беше задоволство да се игра со легенда, среќна сум што успеав да победам“, рече Даниловиќ по натпреварот.
Српската тенисерка отиде во тоалет по првиот сет.
„Се погледнав во огледало и си реков да се сакам себеси, да бидам свој пријател и да бидам тука за себе. Да играм со крената глава. Вториот сет беше добар, во третиот не беше на почетокот, но се сетив што реков“, додаде српската тенисерка.
Потоа Даниловиќ ја пофали атмосферата за време на натпреварот со искусната американска тенисерка.
„Се обидов да не гледам од другата страна, туку само да ја гледам топката и да ги движам нозете. Одлична атмосфера, повеќето луѓе навиваа за неа, но видов и многу српски знамиња, ми се допаѓа кога доаѓаат нашите навивачи, тоа многу ми значи“, нагласи Даниловиќ.