ОЛАФ може да сними филмови за злоупотребите на европските пари во Македонија

Според она што го утврди истрагата на ОЛАФ, дури 23 проекти во вредност од 2.200.000 евра биле насочувани од претходниот тим на Бошко Нелкоски


Она што го открил ОЛАФ за злоупотребите на европските пари е вчудовидувачко

 

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и денес се препукуваа кој злоупотребувал европски пари што се распределуваат преку  Националната агенција за образовни програми и мобилност од програмата „Еразмус плус“. Пресметката се води на ниво на фризерници и магариња, но тоа што се случувало со европските пари од оваа програма  е толку запрепастувачко, што ОЛАФ може да сними филм на таа тема во Македонија.

Испаѓа дека во државата има способни луѓе не само да ги спроведат европските проекти туку и да ја надиграат стопати ЕУ, иако остануваат со куси ракави тие кај кои требало да одат средствата за обука и други програми. Тоа го покажува последниот извештај на ОЛАФ за злоупотребите на европските пари во Македонија во кој е опфатен периодот од 2017 година до 2022 година и во кој нема магариња, но има швалерка, има паралелна структура која прави селекција на проектите место именуваната, во кој има опис на организирана мрежа на бивши вработени во Агенцијата кои покрај актуелното раководство – всушност раководеле со проектите што таа ги доделувала!

Според она што го утврди веќе истрагата на ОЛАФ, дури 23 проекти во вредност од над  2.200.000 евра биле насочувани од претходниот тим на Бошко Нелкоски – кој во 2010 година беше фатен во злоупотреби, под притисок даде оставка, работата на агенцијата две години беше суспендирана, беше најавена и судска постапка – а тој сега се продава како успешен бизнисмен на компанија за органски путер, се слика во Дубаи,  регистрирал фирма во Обединетото Кралство, а судскиот процес што беше најавен уште не се случи! Како капак, добил и пари од Фондот за иновации и развој за да почне производство на органскиот путер, а не се знае дали ќе ги врати парите околу последата истрага на ОЛАФ во која масивно е инволвиран со злоупотреби.

Најсмешно во целата оваа коруптивна приказна е што овој успешен „бизнисмен“ од Македонија тврдел пред ОЛАФ дека не ставил никогаш потпис на документ за имплементација на проектите, на што во ОЛАФ се чуделе – како е можно да не знае дека веќе ги имаат документите, мејловите, изјавите и договорите околу проектите?

Според оваа истрага на ОЛАФ, иако веќе биле надвор од Националната агенција, Бошко Нелкоски и неговиот тим, меѓу кои поранешните соработници Јован Попоски од Silver Lion Services од Струга, Игор Домазетовски од Центарот за рурален развој, Горан Спировски од Туристичка агенција Битола и други се мешале во изборот на независните евалуатори за проектите, ги пишувале и селектирале апликациите, влијаеле на изборот на наградените и на крајот – сами ги имплементирале како субконтрактори, иако нивните компании и организации никаде не фигурирале во договорите. Она што го открил ОЛАФ притоа е вчудовидувачко.

 

Бошко Нелкоски со новиот имиџ

Иако биле надвор од Националната агенција, овие кадри од времето на ВМРО-ДПМНЕ не биле надвор од цицањето на парите од ЕУ, правејќи голема мрежа преку која ги извлекле милионите. Најпрво, како познавачи на процесот самите нашле и подготвиле две кандидатки, Македонки од Хрватска за надворешни евалуаторки, им ги подготвиле документите со кои аплицирале, учествувале во целиот процес на нивното селектирање подготвувајќи им ги материјалите со кои се покажале кредибилни за функциите. Откако ги добиеле позициите и двете им обезбедиле пристап до специјалната доверлива и затворена мрежа на евалуаторите на проектите, од каде имале увид во проектите, во апликантите и, што е поважно, можеле да влијаат на бодовите што ги добивале за подготвеност и прифатливост на проектите, така што ги форсирале своите.

Отакако проектите поминале (23 вкупно), склучиле договори со училиштата, универзитетите и другите апликанти во чие име аплицирале – да им ги споведат проектите како супконтрактори, па и ги подготвиле тендерите за сопствен избор, така што со рестриктивни услови ги елиминирале другите. На крајот, тие ги пишувале и извештаите за оствареното, иако реално целиот процес бил само голема манипулација за да се земат парите. Да вложеле олкава енергија во проекти за државата за овие десет години и повеќе може ќе сме станеле Швајцарија, а вака се гледа само етичката ерозија во Македонија бидејќи знаења, енергија и способности се трошат на криминал место на вистиски остварувања. За овие злоупотреби кривична пријава против дваесетина физички лица и правни субјекти одамна поднесе екс-директорката на агенцијата Лидија Димова, по што Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција почна истрага за која не се знае до каде е и нема резултат.    

Според наодите на ОЛАФ, евалуаторките место да си ја работат работата за која биле платени, систематски ги пренасочувале мејловите и другите кореспонеднции кон Нелкоски, па и список со имињата на евалуаторите што е доверлив со наслов на мејлот – „СПИСОКО“ и со препорака кој од нив можат да го користат т.е. да му влијаат, а на кој не. Притоа од ОЛАФ утврдиле дека Нелкоски влијаел и на содржината на внатрешниот ревизорски извештај за неговата работа барајќи, преку вработена со која имал блиски односи, да напише во оценката дека „имало потенцијален ризик од конфликт на интереси, но бил спречен“, иако мораше да си оди од позицијата за злоупотреба. 

По овие откритија ОЛАФ  во ноември 2022 година барал од 15 инволвирани училишта , универзитети и други образовни институции да одговорат дали сами ги напишале апликациите (или им ги напишал Нелкоски со тимот!), кој ги советувал да ги спроведат со супконтрактори, дали со нивните фирми или невладини потпишале договори за имплементирање, кој им ги напишал извештаите за оствареното и  дали некој друг имал пристап до нивните профили на мрежата, при што ги побарале и сите сметки за реализирани трошоци за проектот.

Како и Нелкоски и тие се правеле како да „не се од тука“, односно дека немале искуство со проектите и мислеле дека така може ( со местенки и конфликт на интереси, плус таргетирани тендери), па и дека работеле според насоки добиени од Министерството за образование! Во сите проекти имплементацијата била доверена на истите – Silver Lion Services, на Паневропската алијанса на Нелкоски, на Туристичката агенција Битола и на Центарот за рурален развој –  сите сопственост на овие бивши вработени во Националната агенција.

За тоа како функционирала шемата говори и описот на ОЛАФ дека партнерите во проектот потпишале доброволни договори со „волонтери“ од други организации, партнери во проектот, а  во неколку случаи биле  членови на семејство или високи лица во рамките на организацијата партнер во проектот. Освен што ги злоупотребиле парите и  наштетиле на угледот на државата и на ЕУ, тие, според ОЛАФ, ја поткопале една од главните цели на активностите на Еразмус плус –  развој на капацитетите на образовните институции. Народски кажано, парите отишле во ветер, т.е. во приватни џебови без да ја остварат целта. И, на сето тоа еден од нив се бранел дека е „цел на малтетирање од поранешната сопруга“, во смисла таа го „наместила“. 

И место органите на прогонот да ја завршат работата за да не се валка името на државата натаму, водечките партии уште им даваат и гласност на ваквите злоупотреби, па и додаваат и измислуваат некои елементи. Од ВМРО-ДПМНЕ секојдневно излегуваат со обвинувања дека СДСМ ја користеле агенцијата како своја приватна фондација давајќи грантови на свои партиски кадри. Портпаролот Валентин Манасиевски притоа потсети на, како што рече, скандалот во кој поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, и поранешниот премиер Зоран Заев доделиле два проекти на братот на пратеникот Диме Велковски во висина од над 200 илјади евра за дресура на магариња и за правење сирење, како и неколку грантови вредни над 270 илјади евра за медиумска писменост, пти ги добило фризерско студио. Според него, досега нема одговорност за сомнителните случаи каде што лица блиски до СДСМ, или пак членови на партијата, судии, професори, се наполниле со проекти вредни стотици илјади евра.

Од СДСМ  овие обвинувања ги нарекоа „очајни напади“  и обиди на ВМРО-ДПМНЕ скандалите со европските пари да ги поврзат со нивната партија, бидејќи истрагите и извештаите на ОЛАФ водат до поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Тие го оценија како скандал самото именување на Ана Михајлов за в.д. директор на Националната агенција, бидејќи од 2014 до 2017 година токму таа била одговорна за евалуаторите на проектите и тогаш биле доделени над 8 милиони евра европски средства за кои СДСМ смета дека биле проневерени. Партијата, исто така, праша која била улогата на Бошко Нелкоски тогаш како „ментор на сегашната вршителка на должност“ и каква е неговата поврзаност со фирмите „Силвер Лион Сервисис“ и „Агронимија Органика“, oдносно дали и тие се дел од истата мрежа на сомнителни тендери веќе идентификувани од ОЛАФ.

Името на Бошко Нелкоски прв пат беше поврзано со злоупотреба на европските пари во 2010 година, кога весникот „Нова Македонија“ објави дека како директор на Агенцијата доделил европски пари за проект на невладина организација од Струга, со која претходно и самиот раководел. Весникот тогаш пишуваше дека високи функционери од агенцијата што менаџираат  европските пари, заедно со нивни роднини и соработници, се вплеткани во сомнителна распределба на средствата. По тие пишувања Европската комисија почна истрага и ги суспендираше средствата на агенцијата за две години. Нелкоски си поднесе оставка и  „кариерата“ ја продолжи во  здружението „Тодор Александров“ од каде отиде во бизнис секторот.

Поранешната директорка на агенцијата Лидија Димова, во изјава за „Фокус“, кажа дека екс-премиерот Зоран Заев побарал од неа да ја повлече кривичната пријава за злоупотребени 2,2 милиони евра европски пари против Нола Исмајлоска–Старова, откако таа гласаше за уставните измени. Сведок за ОЛАФ рекол дека злоупотребата на европските фондови се правела преку мрежа на здруженија, компании, туристички агенции и училишта и дека едно се нуди за реализација, друго се спроведува на терен, а трето се запишува во завршните извештаи од спроведените проекти. Овие пари државата мораше да ги врати на ЕУ, како и претходно злоупотребените  152.181 евра во 2013 година.

Инаку, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност беше основана во 2007 година под капата на Министерството за образование, а Бошко Нелкоски беше нејзин прв директор, од каде дојде како член на Извршниот комитет на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. Но, неговото раководење по две години заврши со скандал, по кој тој и целиот управен одбор беа разрешени „поради злоупотреби, непотизам и селективно делење европски пари“ на невладини организации на луѓе од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.

Затоа, обвинувањата на оваа партија деновиве со кои ги лоцира скандалите  кај СДСМ, опозицијата ги нарече лага со која сакаат да ја прикријат вистината дека сите истраги на ОЛАФ водат до времето на ВМРО-ДПМНЕ и кадри блиски до нив. За обвинувањата, пак, дека се делеле пари за проект за магариња посочија на изјавата на актуелниот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци, Митко Јанчев, кој, како што рекоа, „јавно ја демантирал сопствената партија“. Јанчев, имено, изјави дека проектот бил остварен во Кавадарци и дека воопшто не се работело за тренирање на магариња, туку за практична обука на ученици и наставници во земја членка на ЕУ за стекнување вештини и поттикнување претприемачки капацитети, меѓу кои и за производство на сирење и за отворање фарми со копитари како бизнис.

Истрагите и финалните извештаи на ОЛАФ се доверливи додека не постапат националните обвинителства, поради што јавноста нема многу увид во наодите во нив, а тоа отвора простор за шпекулации и поинакви толкувања.па и избегнување на одговорност. Но, од она што се знае обвинувањата против Димова се отфрлени, а за проневерите на Нелкоски има официјален извештај и потврдени наоди – и за работењето до 2010 година, и за злоупотребите до 2022 година. За жал, тој и натаму е успешен „бизнисмен“ и добива пари од фондовите.