Околу 250 осуденици ќе се најдат на слобода со новиот Закон за амнестија
Околу 250 затвореници би можеле да бидат ослободени од издржување на затворската казна доколку биле усвоен предлог законот на Министерството за правда за амнестија на осудени за полесни кривични дела, информираат од Министерството за правда.
Според Управата за извршување на санкции, во македонските затвори во моментот казната ја издржуваат 2.345 лица, од кои најголемиот дел се во затворот „Идризово“.Ова е трет обид со амнестија да се решава проблемот со пребукираноста на македонските затвори, која што се нотира во секој извештај на Советот на Европа. Предлогот наскоро треба да се најде на владина седница.
Министерството за правда бара поддршка од партиите за амнестија на затворениците осудени за полесни кривични дела. Опозицијата најавува блокада на иницијативата, за која постои скептичност дали ќе го реши проблемот со преоптоварениот затворски систем. Ако се , има предвид дека 250 осуденици би можеле да ги напуштат затворени, а проценките се дека над 2.000 други на ниво на државата чекаат упатен акт за одлежување на казната затвор, надлежните за затворите ја посочуваат пробацијата како еден од начините за поуспешно справување со проблемот.
Министерството за правда оценува дека состојбата во затворите е алармантна за што посочуваат и бројните меѓународни извештаи кои се занимаваат со ова прашање, како и од страна на Комитетот против тортура во рамките на Советот на Европа. Министерот Кренар Лога ги повика сите политички партии да го поддржат „овој хуманитарен чин кој е од интерес за граѓаните и да го изгласаат ова законско решение“.
Со амнестијата се очекува да бидат опфатени лица кои се осудени на казна затвор до шест месеци, и оние осудените над шест месеци, кои треба да се ослободат од издржување на 30 отсто од целокупната казна изречена со правосилна пресуда.
Ова е трет обид со амнестија да се растеретат македонските затвори, кои долги години беа критикувани поради лошите и субстандардни услови. И покрај изградбата на нови капацитети, ситуацијата се уште е алармантна ако се има предвид дека на 2.000 лица се уште чекаат упатен акт за да почнат со отслужување на казната.
Првата амнестија се случи во 2018 година и со неа беа опфатени околу 750 затвореници. Со законот за делумна амнестија за случајот за „крвавиот четврток“ во 2018 година беа опфатени и пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.По иницијатива на претседателот Стево Пендаровски, во март пратениците дадоа зелено светло за амнестија за прекршителите на ковид протоколите, со што стотици граѓани се спасија од затвор. Пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на годинава до Собранието поднесе предлог закон за амнестија на лицата осудени за 27 април, но нивниот предлог не беше прифатен.
Според објавениот предлог закон за амнестија со намалувањето на затворски казни нема да бидат опфатени оние кои се осудени на доживотен затвор, како и за кривичните дела убиство, измами при избори и гласање, мито и корупција силување и семејно насилство, злоупотреба на службена должност или измама со пари од европски фондови.„Амнестијата не се однесува на лица осудени за кривични дела против државата, против човечноста и меѓународното право“, се вели во текстот на предлог законот. Но, во јавноста почна да се поставува прашањето дали е можно и делата тероризам да подлежат на амнестија, односно дека ќе им бидат намалени затворските казни на осудените за насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година.
Во најголемиот македонски затвор КПУ Идризово сѐ уште е на сила кризната мерка со која овој затвор надворешно е обезбедуван од војска и полиција. Последната одлука на Собранието е дека оваа кризна мерка ќе биде на сила до 5 ноември годинава. Причината за воведување на оваа мерка беше недостиг на стражари во затворот, ѝ како што беше соопштено „спречување на безбедносни закани“.
Во последните неколку месеци затворот беше поврзан со повеќе скандали, меѓу другите, копањето на подземен тунел од затвореници кои со месеци планирале бегство. Исто така, се случи и спектакуларно бегство на затвореник додека беше транспортиран на лекар, па поради ова беа суспендирани командир и четворица затворски полицајци.