И за хибридните автомобили ќе се плаќа данок


Фото: Б. Грданоски

Со постојната регулатива, патничките автомобили на хибриден погон, со комбинација на мотор со внатрешно согорување и електромотор, се ослободени од акциза. Со новиот закон за данок на моторни возила, кој ќе важи од ноември, хибридите ќе се оданочуваат.

„Досега законот даваше привилегии за хибридите, затоа што целта беше да се поттикне возењето на автомобили со ниска емисија на јаглерод диоксид. Сега се поприсутни. Со новиот закон има бенефиција само за нула загадување. И ова ќе трае одреден период. Секоја земја има одредени таргети согласно целите за намалување на загадувањето. Ваквиот начин на пресметување на данокот е целосно усогласен со препораките на ЕУ. Со овој закон влегуваме во друштвото на земји кои оданочуваат според загадувањето. И ова е прв исчекор во државата“, објаснуваат од Царинската управа.

Со новиот закон за оданочување на возилата предвидено е пресметката на данокот да се врши врз основа на две компоненти – вредноста на моторните возила и просечната емисија на јаглерод диоксид – CO2. Како ќе бидат распоредени во формулата за пресметка, ќе биде определено во посебната уредба.

Од Царината укажуваат дека треба да се рекомпонира состојбата на пазарот на автомобили, да не преовладуваат толку стари и нееколошки возила, и тие да бидат заменети со понови и поеколошки возила и од употребуваните, но релативно понови, со еуро норма над 5 и 6.

Возниот парк во Македонија има висока просечна емисија на CO2, многу повисока од европскиот просек. За ова посебен придонес имаше регулативата од 2007 година и намалувањето на еколошките стандарди.

Во 2018 година, од увезени 37.000 половни возила, 20.000 возила платиле акциза до 1 отсто, односни 16.000 возила не платиле воопшто, затоа што имале вредност до 3.000 евра. До овој праг, според сегашниот закон, нема акциза.

„Новиот предлог-закон ќе треба да го намали и обесхрабри купувањето на возила кои не се енергетски ефикасни и кои ја загадуваат животната средина. Притоа, приходот од данокот на возила, во споредба со приходите остварени од наплата на сегашната акциза, треба да остане во истите рамки. Истовремено, ќе овозможи граѓаните со помала куповна моќ да можат да купат возила со подобри еколошки стандарди и со намалени трошоци за гориво и одржување“, велат од Царина.

За регулативата да се усогласи со ЕУ-препораките, електричните возила се изземени од оданочување. Доставните „ван“ возила и комби-возилата кои спаѓаат во категоријата товарни и се наменети за превоз на стоки се исто така изземени од плаќање данок на возила.

Владата размислува дали да го намали ДДВ-то за новите и половните автомобили

Владата размислува да го намали ДДВ за увоз на нови, но и на половни возила во земјава. Ако тоа се случи, тогаш би отпаднала идејата за давање на државна субвенција од три илјади евра за набавка на возило со еуро 5 или 6 стандардот, најавува за телевизијата Алсат министерот за економија Крешник Бектеши. На тој начин ќе се избегне опасноста дел од граѓаните кои би аплицирале за државна помош за купување возило да останат со празни раце. Во Владата се прават пресметки која опција ќе биде поисплатлива за државната каса, дали намален ДДВ за увоз или 3.000 евра за субвенционирање.

„Не е напуштена идејата за три илјади евра. Паралелно работиме на фискалните импликации, но работиме и на тоа на колку граѓани може да помогнеме со првата и колку со втората мерка. Првичните информации што ни доаѓаат се дека е подобро да одиме со втората мерка бидејќи така ќе им овозможиме на сите заинтересирани граѓани да увезуваат нови автомобили“, рече министерот Бектеши.

Неофицијално, поголемиот дел од членовите на владата се за времено намалување на ДДВ на увоз на половни и нови автомобили. Измените на Законот за возила предизвикаа голем интерес кај граѓаните уште по самото објавување пред повеќе од еден месец. Првичната идеја беше старото возило прво да се остави во отпад за автомобили кој би добил посебно овластување од Министерството за животна средина. Потоа, МВР би требало да го одјави тоа возило и таму да ја предаде сообраќајната книшка. Дури потоа заинтересираниот граѓанин би можел прво да купи возило со еуро 5 стандардот, но до 12 илјади евра и со сите документи да аплицира во Министерството за економија за поврат на три илјади евра.

Анита Салтировска