Охридскиот регион останува на листата на заштитени подрачја на УНЕСКО


Фото: Б. Грданоски

Комитетот за заштита на светското наследство на УНЕСКО на 44 сесија што се одржува во кинескиот град Фуџоу, денеска, ја усвои одлуката за состојбата на заштитеното културно и природно наследство на Охридскиот регион, со која на предлог на Босна и Херцеговина, на Македонија и Албанија им се дава дополнителен рок од две години, за имплементација на препораките на Реактивната мисија на УНЕСКО од 2020 година.

Оваа одлука беше донесена по тридневни интензивни консултации на делегациите членки на Комитетот за светско наследство откако Норвешка и Австралија изразија негодување на предлогот Македонија и Албанија да добијат дополнитеен рок до 2023 година за отстранување на проблемите кои ги загрозуваат универзалните вредности на Охридскиот регион.

Со оваа одлука Охридскиот регион избегна деградирање, односно ставање на Листата на заштитени подрачја во опасност, што беше првичен предлог на Реактивната мисија на светската организација, кој беше изменет во последен момент со амандман предложен од БиХ.

Во своето обраќање на денешната сесија на Комитетот на УНЕСКО,  министерот Нуредини заблагодарувајќи се за поддршката изјави:

„Би сакал да се заблагодарам на Комитетот на УНЕСКО што ги препозна нашите напори и го одобри предложениот амандман со кој ни се одобрува дополнителен период за завршување на започнатите работи и потполно исполнување на добиените препораки. Посебна благодарност до Босна и Херцеговина и Руската Федерација за поддршката во овие заложби, како и на делегациите на Кина, Саудиска Арабија, Унгарија и Шпанија. Истотака благодарност до колегите од Австралија и Норвешка за континуираните пријателски совети и поддршка.

Драго ми е што Охридското Езеро и регионот ќе имаат можност да го задржат својот статус и ќе имаме време за да ја комплетираме заштитата на ова неверојатно природно и културно светско наследство.

Сепак, ова значи дополнителна одговорност, затоа сега е време навистина да работиме заедно и да се осигураме дека во иднина нема да се најдеме во ваква ситуација. Затоа ги поканувам сите чинители, приватниот сектор, локалната самоуправа, сите граѓански организации, да соработуваат и да го дадат својот придонес кон заштитата на езерото и целиот регион.“