Охридскиот Регион ќе се штити со Бадинтер


Предлог-законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион денеска ќе се најде на дневен ред на собраниската Комисија за култура. Причината за донесување нов закон е тоа што, и покрај меѓународните и националните мерки за заштита, природното и културното наследство во Охридскиот Регион и понатаму се под закана поради непланираниот урбан развој, несоодветното управување со отпадните води и цврстиот отпад, промените во живеалиштата, уништувањето или осиромашувањето на природните ресурси, развојот на инфраструктурата и интензивните туристички активности. Дополнителна и подеднаквно важна причина за донесување нов закон е тоа што постоечкиот од 2010 година низ годините покажа повеќе формални недостатоци.

Со новиот закон ќе се формира совет за управување со Охридскиот Регион кој ќе има 15 члена, вклучувајќи претседател именуван од премиерот. Советот за Охридскиот Регион одлуки ќе носи по Бадинтер, односно ќе одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број членови на советот за Охридскиот Регион, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број членови на советот за Охридскиот Регион кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во државава.
Невладината организации подолг период реагираат токму за овој дел од предлог-законот. Сметаат дека Охридскиот Регион е државен интерес бидејќи е светско наследство и нејасно е зошто е потребно Бадинтерово гласање.
„Заднината на ова барање е локалната урбана мафија да има carte blanche, односно, доколку навистина во законот се вметне таква одредба, тоа ќе значи ширум отворени врати за криминална урбанизација во целиот регион под заштита на УНЕСКО бидејќи, наместо да се усвојуваат одлуки поткрепени со стручни аргументи, исходот ќе зависи од нечија политичка волја т. е. од партиски пазар. А, тоа е недозволиво во регион кој е уникатно светско природно и културно наследство и кој е од национален интерес“, реагираа уште пред два месеца од „Охрид СОС“.
Членовите и надворешни претставници на советот ќе бидат предложени од Министерството за животна средина, Министерството за култура, Управата за животна средина, Управата за заштита на културното наследство, општините Охрид, Струга, Дебрца. Во советот ќе има претставници и од Завод и заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид, Хидробиолошкиот завод од Охрид и од Националниот парк Галичица. Предвидено е да членуваат и претставници од граѓанскиот сектор. Членовите ќе се избираат со правична застапеност на заедниците во земјава. Ќе има за задача да изготвува извештаи, да препорачува одредени активности и проекти, но и да го следи спроведувањето на Планот за управување со природното и културно наследство од Охридскиот Регион.
Предлог-законот ќе предизвика потреба од дополнителни финансиски средства во износ од 840 илјади денари како надомест за работата на претседателот, замениците на претседателот и членовите на советот за следење и координација на управувањето со природното и културното наследство во Охридскиот Регион и други трошоци поврзани со едногодишната работа на советот за Охридскиот Регион.
Охридскиот Регион како мешовито светско наследство е под заштита на УНЕСКО. Согласно Конвенцијата, регионот претставува ремек-дело на човековиот креативен дух, извонредно сведоштво на постојана или исчезната цивилизација, како и извонреден пример на архитектура, а дополнително и природен феномен и подрачје со исклучителна природна убавина.
Според УНЕСКО, во постоечкиот Закон за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион донесен во 2010 година треба да се утврди соодветен механизам за одлучување и управување, како и да се дефинираат надлежностите и составот на Комисијата за управување со природното и културното наследство преку воспоставување вистински партиципативен пристап во управувањето со доброто, со активно вклучување на локалните заедници и граѓанските организации. Новиот закон ќе стапи во сила на осмиот ден од објавувањето во „Службен весник“.

Георгиевски: УНЕСКО не бара да срушиме 400 дивоградби
УНЕСКО не бара да се урнат 400 дивоградби бидејќи е тоа невозможно. Тие бараат да се изврши еваулација на влијанието на животната средина на тие објекти што се во заштитениот појас и тие да се отстранат. Ова го кажа охридскиот градоначалник Константин Георгиевски на вчерашната прес конференција.
„Секој објект што ќе има решение за отстранување ќе биде отстранет. Вие мислите дека општината е способна да се справи, со еден градежен инспектор и со тендер од милион и пол денари за отстранување на бесправно изградени објекти? Охрид не е само за охриѓани. Државата треба да се погрижи за доведување на ред на состојбите кои се години наназад извадени од колосек“, додава Георгиевски.
Тој тврди дека нема да има отстапки кон никого и ќе ги урне сите нелегално изградени објекти кои влијаат врз животната средина. Според регистарот кој неодамна го објави општината во заштитената зона на крајбрежјето на Охридското Езеро, стариот дел на градот и во Националниот парк Галичица има 409 нелегални градби. Од тоа 82 се опрема, 16 времени објекти, 8 плажи, 80 куќи, апартмани и сместувачки капацитети, а останатите имаат помали интервенции и градежни зафати на објекти.
Георгиевски појасни дека во Охридскиот Регион досега имало три мониторинг-мисии на УНЕСКО, во 1998, 2013 и 2017 година, и дека ниту една власт не постапувала соодветно по препораките. Таквото несоодветно постапување доведе до тоа УНЕСКО да предложи Охридскиот Регион да се најде на листата на светски наследства во опасност.
– Остануваме отворени за сите политички и општествени чинители во градот и во државата. Нудиме соработка на експертската јавност, граѓанскиот сектор и медиумите. Но, за да имаме одржливи решенија, неопходно е партнерство со граѓаните на Охрид. Во таа насока, ја најавувам следната активност уште утре. Во големата општинска сала ги повикуваме жителите на Стар Град од 20 часот на средба на која ќе се презентира моделот за регулирање на сообраќајот во истиот. Дополнително ќе печатиме материјали и ќе користиме и други канали за комуникација со цел да ја зголемиме информираноста кај граѓаните и да ја зајакнеме свеста за мерките кои ги преземаме – објасни вчера Георгиески и потенцираше дека целокупниот процес за исполнување на препораките од УНЕСКО нема да се случи преку ноќ и нема да биде едноставен.

Ивана Настеска