Политички пинг-понг за Охридскиот Регион: Рокот од УНЕСКО ќе го потрошиме во дебатирање

Ohrid Ivana Nasteska

Дали новиот предлог-закон за управување со природното и културно наследство на Охридскиот Регион ќе ги реши проблемите или ќе остане уште едно нефункционално решение запишано на хартија? Оваа дилема се наметна откако предлог-законот влезе во собраниска процедура. Македонските власти добија дополнителен рок до февруари 2020 година за спроведување на препораките на УНЕСКО, за Охридскиот Регион да не се најде на листата на светски наследства во опасност. Но, дали објективно е возможно да се направи нешто до февруари, за на 44. сесија на УНЕСКО што ќе се одржува следната година да не се разговара повторно за загрозувањето на единственото подрачје кое го имаме како мешано светско наследство.

Предлог-законот е во почетна фаза, се разгледуваше на собраниската Комисија за култура. Опозициските пратеници констатираа дека предлог-законот во поголем дел од текстот е ист како постоечкиот и можело да се направат измени и дополнувања, наместо да се бара сосема нов. Тие велат дека измените се во изрекувањето на глобите за прекршување на дел од одредбите, во формирањето на Совет за управување со Охридскиот Регион и носењето на одлуките по Бадинтер (со двојно мнозинство).

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржат новиот закон, а Бандинтеровото гласање за нив е скандалозно, па дури и против Уставот. Дискусијата ќе продолжи на следната седница на Комисијата за која сè уште не се знае кога ќе биде закажана, а дури потоа ќе се најде на пленарна седница пред пратениците.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Ане Лашкоска, вели дека и сè да оди мазно, за носењето на законот ќе бидат потребни минимум три месеци. Дополнително, треба да се избере и составот на Советот, кој потоа би ги спроведувал препораките на УНЕСКО.
– Место надлежните институции веднаш да започнат со решавање на проблемот со дивоградбите, Владата предлага нов предлог-закон со кој купува време и бега од одговорност. Владата, општините и сите надлежни институции можеа и требаа досега да донесат одлука за рушење на дивоградбите и без овој нов закон, односно со веќе постоечкиот закон. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи бидејќи е скандалозен. Со предложеното законско решение единствено се префрла одговорноста на новиот совет кој треба да одлучува со Бадинтер, што е спротивно на Уставот. На тој начин од одговорност ќе бидат амнестирани градоначалниците во Охридскиот Регион (Охрид, Струга и Дебрца) – вели Лашкоска.

Таа потсетува дека власта за две години спровела само три заклучоци од вкупно 19 што во 2017 година ги даде реактивната мониторинг-мисија на УНЕСКО.

– Владата го користи новиот закон како изговор, само за да не воведе мораториум за градење. Од тој закон не зависи ниту една од мерките што УНЕСКО ги бара и кои треба итно и без одлагање да се спроведат. Едно од ветувањата на власта, воедно и препорака на УНЕСКО, беше дека во најскоро време ќе се направи попис на дивоградбите и нивно рушење. Но се покажа дека бизнис-интересите се повисоко на листата на приоритети од заштитата на Охрид – вели Лашкоска.

Владејачката партија СДСМ, пак, уверува дека ќе направи сè за да се спроведат препораките од УНЕСКО. Од партијата сметаат дека е лицемерно што ВМРО-ДПМНЕ зборува за Охридскиот Регион.

„Состојбата во која денес се наоѓа културното и природното богатство на Охрид е директна последица од неодговорното и криминално децениско владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Јавноста многу добро знае дека токму Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ целосно му го смени ликот на Плаошник со огромното бетонско издание на Светиклиментовиот универзитет. Токму ВМРО-ДПМНЕ планираше да гради аеродром на вода и ски-жичница на Галичица и носеше белосветски измамници, како Субрата Рој, кој сакаше да гради ресорти и скапи хотели на брегот на Езерото. Во нивното владеење се дозволи илегалните градби во заштитениот појас да бидат легализирани за само едно евро за квадратен метар. Владата предводена од СДСМ, Општина Охрид, стручната јавност и невладиниот сектор интензивно работат на исполнување на препораките на УНЕСКО и ќе сторат се за да се спроведат препораките, а Охридскиот Регион да не биде загрозен“, реагираат од СДСМ.

Ивана Настеска