Охридски пливачки маратон ќе има, ќе го организира општината


На денешниот координативен состанок кој го свика градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, донесена е одлука да се одржи Охридскиот пливачки маратон. Маратонот ќе биде поддржан од спонзори и од Агенцијата за млади и спорт.

Охридскиот маратон традиционално се одржуваше под покровителство на претседателот на државата, но од неговиот кабинет вчера стигна соопштение дека оваа година нема да се одржи поради блокирана сметка на федерацијата.Градоначалникот Кирил Пецаков синоќа на социјалните мрежи напиша дека Охрид бил целосно подготвен за одржување на пливачкиот маратон.

„Општина Охрид беше целосно подготвена за техничката организација затоа што маратонот е голем промотор на нашиот град во светски рамки. Срамната одлука за неодружување на најголемата меѓународна спортска манифестација во Македонија доаѓа во годината кога се слави 60 години од првиот вистински маратон“, напиша Пецаков.

Денешната одлука на координативното тело значи дека Општина Охрид целосно ќе ја преземе организацијата. Пецаков најави исто така дека ќе се најде начин да им се исплатат и наградите што три години не им биле дадени на пливалчите. 

„Начинот на раководење со маратонот го гледаме и со посетеноста и како од година во година се уништува. Како локална самоуправа мора да ги разгледаме сите опции. За оваа година ќе направиме се што е во наша моќ, за да успееме да го организираме Охридскиот маратон. Ја повикуваме и државата. Веќе разговаравме со Агенцијата за млади и спорт. Да видиме како и тие ќе учествуваат во оваа приказна. Општина Охрид мора да ги преземе одговорностите како главен организатор. Ние ќе го поканиме да биде покровител претседателот на Македонија, но главната организација ќе гледаме да го преземеме ние, со охридските клубови“, кажа Пецаков.

Пецаков е дециден дека нема да дозволи да нема награден фонд за пливачите.

„Како градоначалник не можам да сфатам како се доведуваме да останеме без маратон односно да поминеме со штуро соопштение од страна на претседателот на Македонија. Што правеле до сега? За да поканите пливачи на маратонот треба месец дена, а сега се ставаме во една временско крајна зона, кога не знаеме колку позитивни одговори ќе добиеме. Испратени се поканите. Добиваме одговори, а најбитно прашање е дали ќе има награден фонд, а зошто, затоа што две или три години не им е исплатен тој награден фонд“, додаде Пецаков.