„Охридски комуналец“ повеќе од 18 години работи со блокирана сметка, со раст на обврските и несоодветно користење на гориво


Јавното претпријатие „Охридски комуналец“ повеќе од 18 години работи со блокирана сметка и основната дејност ја извршува со минимум парични средства. Ревизорите утврдиле сериозни неправилности во финансиското работење, со значителен раст на обврските и несоодветно користење на нафтените деривати.  

– Во последното донесено решение кон крајот на 2023 година, кое се уште е во важност месечниот лимит за функционирање на ЈП е определен во износ од 16.900 илјади денари. Ревизорите констатирале дека ЈП низ годините има тренд на зголемување на обврските и истите на крајот на 2023 година се за 28 проценти поголеми во однос на претходната година и за 249,61 проценти или за 2,496 пати повисоки во однос на 2019 година, стои во ревизорскиот извештај што е денеска објавен.

На крајот на 2023 година претпријатието имало обврски кон 427 правни лица, во износ од 104.215 илјади денари.

Ревизорите наведуваат дека со континуираното преземање на нови обврски, кои претпријатието не е во можност редовно и хронолошки да ги плаќа влијае врз зголемување на обврските по извршни решенија и камати, што придонесува за зголемување на финансиската нестабилност и неликвидност на претпријатието.

Државните ревизори утврдиле дека почнувајќи од 2021 година претпријатието континуирано има загуби во работењето при што за 2023 година загубата изнесува 11.997 илјади денари, а за 2024 година 36.745 илјади денари.

Ревизорите констатирале дека подолг временски период не е извршена верификација на мерилата кои служат за прием и издавање на дизел гориво од подземната цистерна, сопственост на ЈП, а утврдени се и неправилности во начинот на користење на службените и приватните возила и градежните машини.

– Во месечните прегледи за потрошувачка за 90 проценти од возилата не се евидентира поминатата километража и просечната потрошувачка на гориво и истите се нецелосно пополнети и потпишани од магационерот и возачот, се наведува во ревизорскиот извештај.  

Ревизијата утврдила дека е издадено приближно 27 илјади литри дизел гориво за неисправни возила и 10 илјади литри за неевидентирани возила во материјална и сметководствена евиденција, без прилог на соодветна поткрепувачка документација.

– Ваквиот начин на прием, управување и издавање на залихата на гориво, како и признавање на трошоците по тој основ, без обезбедена соодветна поткрепувачка документација, укажува на ненаменско и нерационално користење на јавните средства, наведуваат ревизорите.

Ревизорите утврдиле дека повеќе пати во кратки временски периоди се требувани и исти резервни делови за исто возило. Извршените услуги за поправка и одржување на возилата не биле поткрепени со соодветна документација, односно не биле изготвувани налози за требување на резервни делови и работни налози за извршениот сервис на возилата.