Охрид се срами и го осудува оштетувањето на обележјето за жртвите од несреќата на бродот „Илинден“


Несовесни граѓани деновиве ја оштетиле плочата од споменикот „Солзата на Роза“ посветен на на жртвите од несреќата на бродот „Илинден“, сите бугарски државјани, кој беше откриен на 5 септември годинава, во близина на полициската станица и армискиот центар за обука на вода, кај каналот Студенчишта.

Инцидентот кој се случува во време на затегнати политички односи со соседна Бугарија, остро го осуди јавноста во Охрид, како и општината.

– Во мое лично име и во името на Општина Охрид упатувам јавна осуда до несовесните граѓани кои во текот на претходните денови извршиле оштетување на споменикот „Солза на Роза“, кој беше поставен годинава по повод одбележувањето на единаесет годишнината од несреќата на бродот „Илинден“ во која загинаа 15 бугарски туристи.Апелирам до граѓаните да се воздржат во вакви и слични вандалски однесувања и да покажат повисока свест за чување на јавните површини, споменици и објекти. – се вели во реакцијата на градоначалникот Константин Георгиески, пренесе OhridNews.

Сквернавењето на споменикот на жртвите од големата бродска несреќа во Охрид го осуди и Министерството за надворешни работи.

Надлежните служби се информирани и во најскоро време ќе го отклонат ова злодело на неодговорни и злонамерни поединци, за да можеме достоинствено да ја паметиме ова трагедија, наведуваат од Министерството за надворешни работи.

Во соопштението се додава дека вратите на историскиот Охрид остануваат ширум отворени за сите туристи, а посебно се секогаш добредојдени нашите пријатели од соседна Бугарија.

Најголемата бродска несреќа на Охридското Езеро се случи на 5 септември 2009 година. Во неа животот го загубија 15 туристи од Република Бугарија. Во знак на почит, непосредно по несреќата на градскиот кеј во Охрид беше поставено спомен обележје од камен, за на 11 годишнината, оваа година, да биде откриен новиот паметник на големата трагедија, која не смее да се заборави. Споменикот наречен „Солзата на Роза“, е дело на архитектот Никола Сметеноски. Има изглед на капка во која се испреплетени и 15 рози кои ги симболизираат 15-те жртви.

Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димовски, информира дека до СВР Охрид се уште не пристигнала никаква пријава за некакво оштетување или отстранување на мермерната плоча од споменикот на жртвите од несреќата на бродот „Илинден“.