Охрид бара место на гастрономската мапа


Охрид – Охрид мора да работи на изготвување стратегија што ќе го позиционира на светската туристичка мапа. Да дефинира што е она што ќе понуди на светскиот туристички пазар, нешто што ќе им покаже на потенцијалните туристи што можат да очекуваат пред да се решат да дојдат тука. Тоа е генерално ставот на Андреа Бијаџини, експерт по угостителство, МТП Мишелин, сопственик на консалтинг-компанијата „32 консалтинг“ и на специјализираното списание „Фуд и лајвстајл“, кој пред менаџерите од рестораните и хотелите во Охрид преку практичните обуки за маркетинг ја презентира важноста на добрата храна, односно гастрономијата во подобрувањето на целокупната туристичка понуда на градот.

– Гастрономијата е една од можеби најважните ставки што ја детерминираат туристичката понуда на една дестинација. Охрид и Македонија не се доволно познати на светскиот туристички пазар. Тоа колку што е негативно има и свои добри страни, затоа што голем број туристи сакаат да откриваат нови дестинации. Она што го видов тука зборува дека главно продуктите што се користат во креирањето на гастронономската понуда се здрави, незагадени, органски, што е видливо и позитивно. Но видов унифицирани менија на храната што е на понуда, недостига обучен персонал во кујната што ќе направи исчекор, разлика во понудата, отсуствува или мала е понудата на атрактивни локални јадења со повисок квалитет – изјави Бијаџини.

Експертот од Италија ќе забележи дека тоа не значи проста комерцијализација на ресторанската понуда, туку таа да биде збогатена со неколку ресторани што би понудиле различна храна.

– Тоа не чини многу, може да се направи со организирање фестивал на храната, да се поканат врвни готвачи, кои со локални продукти ќе направат корекции во менијата, со понуда што ќе биде базирана врз традиционалното, но сето приготвено на современ, привлечен начин – рече тој.

Притоа, една од неговите забелешки се однесува и на потребата од привлекување барем еден хотел од светските синџири како „Шератон“, „Хилтон“, некои брендови што се многу познати на интернационално ниво. Тоа го образложи со потребата таквите објекти да бидат носачи на понудата, магнет за туристи кои однапред добро знаат што сакаат, што можат да очекуваат и да добијат. Како примери ги посочи Будимпешта, Букурешт, Прага, за кои истакна дека со отворање такви хотели привлекле туристи со детерминирани очекувања, кои откако ќе дојдат тука ќе имаат можност да избираат сместувања и во другите хотели, но откако ќе се уверат самите што е на понудата, односно веќе ќе знаат што можат да очекуваат и да добијат.

– Туристите точно знаат што можат да очекуваат кога ќе тргнат за Париз, Лондон, Дубаи… Тоа треба да се направи и за Охрид. Ете, тука веќе има сè повеќе туристи од Кореја. Првиот предуслов за Италија го имате, директен лет од Милано. Она што останува е сега да се запознаат со она што има да се понуди тука. Не да се следат некои негативни примери на проста комерцијализација како Хургада или Шарм ел Шеик, но да се гледа смислата во запознавање на Италијанците точно да знаат што да очекуваат. Сето тоа се прави чекор по чекор – рече тој.

Од она што го видел во Охрид, како позитивни предуслови ги посочи едноставноста во живеењето, безбедноста, природниот однос кон туристите што, според него, имаат голема вредност.

– Голем број туристи се заморени од искомерцијализирани места како Сан Тропе, што е стресно. Има луѓе што сакаат да се релаксираат, да читаат книга покрај езерото. Тоа е одличен предуслов. Секое место мора да си го пронајде својот адут, што е она што го има и би било причината зошто би можело да биде привлечно за одредена категорија туристи – рече Бијаџини.

Како потреба ја посочи поддршката од локалната и националната власт во зачувувањето на локалните производи, локалните земјоделски продукти, како охридскиот домат, црешата, кромидот…

– Се соочуваме со сличен проблем во Италија преку загрозеноста на портокалите од Сицилија, млекото на Сардинија со напливот комерцијализирани продукти… Мое лично мислење е дека правилата мора да се менуваат, во насока на зачувување на особеностите на секој регион. Европа мора да ги почитува особеностите на секој регион, од менталитетот на населението сè до локалните производи – изјави тој.

– Бидете уверени дека голем број туристи сакаат да пробаат нешто ново, нешто поинакво, нешто локално, но квалитетно. Најважното е никогаш да не го губите идентитетот. Менувајте, воведувајте нови практики, нови методи, нова понуда, но држете се до посебното, истото да биде јасно нагласено, потенцирано. Она што туристот ќе го пренесе како искуство кога ќе се врати дома – порачува тој.