Огромно наоѓалиште на литиум откриено во САД. Што значи ова за електричните автомобили?


Помеѓу 5,1 и 19 милиони тони литиум може да се кријат во јужен Арканзас, открија истражувачите од Геолошкиот институт на САД и Државниот завод за енергија и животна средина во Арканзас. Овој депозит претставува помеѓу 35 и дури 136 отсто од сегашните резерви на литиум во САД.

„Проценуваме дека има доволно, ако не и повеќе, литиум во тој регион за да го замени целиот увоз од САД“, рече Кетрин Книерим, хидролог и главен истражувач во студијата, во изјавата, според Форбс.

Побарувачката за литиум се очекува да достигне 1,5 милиони тони до 2025 година, а да надмине три милиони тони до 2030 година, благодарение на зголемената побарувачка за електрични возила. Електричните возила сочинуваат 87 отсто од потрошувачката на литиум, според извештајот на Геолошкиот институт на САД од оваа година.

Речиси 14 милиони нови електрични возила се регистрирани во светот минатата година, а продажбата е зголемена за 35 отсто од 2022 година, покажуваат податоците на Меѓународната агенција за енергија.

Производството на ќелии на литиум-јонски батерии во Северна Америка ќе надмине 1.200 гигават часови до 2030 година, според американското Министерство за енергетика. Ова е доволно за снабдување на најмалку 12 до 15 милиони нови електрични возила годишно.

Трите најголеми производители на литиум, според податоците на Светскиот економски форум, се Австралија, Чиле и Кина – лидери во продажбата на електрични возила. Австралија произведува повеќе од 50 отсто од литиумот во светот, а оваа суровина најмногу се преработува во Кина. По откритието во Арканзас, постои „потенцијал за зголемено американско производство да го замени увозот“, рече директорот на Геолошкиот институт Дејвид Еплгејт. Во моментов, САД се уште зависат од увоз од Чиле и Аргентина. Иако има големи резерви на литиум, тој произведува само 2 отсто од светската понуда, додека предлозите за рударство често се соочуваат со протести од активисти за климата.

Администрацијата на претседателот Џо Бајден повика на инвестиции во домашната преработка на литиум. Како дел од нацрт-законот за антиинфлација од 2022 година, енергетските компании се охрабруваат со даночни олеснувања за ископување и обработка на материјали што се користат во батериите на електричните автомобили во САД.