Огромно мнозинство од 85,9 отсто од повозрасните не добиваат надомест за туѓа нега


Најчесто децата – во 43,2 осто од случаите, а потоа сопружникот – во 27 отсто од случаите се тие кои пружаат долгорочна нега на повозрасните граѓани во Македонија, а за тоа ниту се обучени, ниту добиваат некаков паричен надомест.

Како што покажа студијата „Пристап до услуги за долготрајна нега во Северна Македонија“, во рамки на проектот „Зајакнување на отпорноста на постарите лица и лицата со попреченост за време на Ковид – 19 и идни катастрофи“, огромно мнозинство 85,9 отсто од испитаниците кои се потпираат на поддршката од неформалните негуватели во извршувањето на секојдневните активности не добиваат никаков надомест од државата за туѓа нега и помош. Само 8,1 отсто од негувателите добиваат стручна поддршка од соодветни организации.

Студијата покажува дека жените повеќе се потпираат на членовите на семејството кои не живеат со нив, додека мажите на оние со кои живеат.

Традиционално, на неформални негуватели се потпираат постарите од руралните средини, а испитаници кои живеат во Скопје и регионалните центри повеќе се потпираат на платените услуги од јавната служба.

Постарите лица, над 65 годишна возраст најмногу имаат потреба од помош за поправки во домот 56,4 отсто, за следење на здравствената состојба 46,5 отсто, за плаќање сметки и пазарење 46,2 отсто, за одење на лекар 44,5 отсто, за одржување на домаќинството 38,4 отсто.

Луѓето кои користат помош во домот или имаат лични асистенти, бараат тие да можат да прават некој вид масажа, затоа што немаат да платат дополнително, а тоа би им помогнало да го одржуваат тонусот на мускулатурата.

Во истражувањето учествувале 650 испитаници, од кои 550 лица постари од 65 години и 100 лица од 18 до 64 години кои имаат потреба од долготрајна нега.

Министерство за труд и социјална политика има двоен пристап кон лицата на кои им е потребна долготрајна нега, кој ги опфаќа услугите од високо квалификуван кадар, но и материјалната поддршка, што ја добиваат највозрасните лица во државата, како и лицата со попреченост.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска информираше дека во моментот на територијата на земјава, согласно Законот за социјална заштита, постојат 78 лиценцирани даватели на социјални услуги, со капацитет да обезбедуваат услуги за најмалку 3.361 корисник. Склучени се 19 управни договори со здруженија и приватни даватели на социјални услуги, за пружање на социјални услуги, како што е лична асистенција, помош и нега во домот, услуга за дневен и привремен престој, живеење со поддршка, третман и рехабилитација на лица коишто имаат проблем со зависности и услугата за стручна помош и поддршка.

Таа соопшти дека во обезбедување на социјалните услуги вклучени се околу 1.051 лица, од кои 966 се директни даватели на услугата – 258 лични асистенти, 567 негувателки и 141 стручни лица и 85 стручни лица одговорни за координирање на услугите. Најголем дел од новите услуги се услуги во домот каде што претежно се опфатени стари лица и резиденцијални домови за стари лица, но исто така и лична асистенција за лица со попреченост, тука се центрите за активно стареење за повозрасни лица и центрите за дневен престој на деца со попреченост, а се развиваат и услуги на советување на деца без родители и родителска грижа и услуги на стручна помош и поддршка на згрижувачките семејства.

– Ова се услуги кои ги воспоставуваме, а се имплементирани според потребите на граѓаните и директно одговараат на нивните барања. За мене од особена важност е услугите да ги спроведува обучен и квалификуван кадар, од таа причина ги зајакнуваме капацитетите на стручните лица во установите за социјална заштита. Во текот на 2022 година Заводот за социјални дејности спроведе 67 обуки за стручни лица (56 жени и 11 мажи), коишто учествуваа на почетна обука, како еден од условите за стекнување со лиценца за работа, во системот за социјална работа.

 

Исто така, реализирани се вкупно 23 едукации, согласно Програмата за континуирана професионална едукација на ЈУ Завод за социјални дејности со учество на вкупно 616 учесници (510 од женски и 106 од машки пол) од сите 30 центри за социјална работа, установи за социјална заштита и други даватели на социјални услуги, појасни министерката.

Дополнително, рече таа, заклучно со 31 декември 2022 година, Заводот за социјални дејности реализира активности во рамки на континуираната професионална обука со други установи и организации, со кои се опфатени вкупно 370 (63 од машки и 307 од женски пол) стручни работници.

– Кога ги имаме услугите што ни се потребни и го имаме кадарот кој може да одговори на барањата, нашата цел е да ги има овие услуги на територијата на целата држава, а особено во руралните средини, нагласи Тренчевска.

Таа информираше дека преку ,,Проектот за подобрување на социјалните услуги“, Министерството за труд и социјална политика, заклучно со декември 2022 година, обезбеди поддршка за 34 проекти, преку кои се создадоа услови за развој на социјални услуги, што опфаќаат околу 1.300 корисници на локално ниво, во вкупно 41 општина.

– Фактот што близу половина од избраните општини се рурални средини, што ја потврдува заложбата за достапност на услугите и во најоддалечените места од нашата земја. Еднакво важен аспект од оваа активност е што преку нејзиното спроведување, се креираат и нови работи места за над 400 лица, коишто ги испорачуваат новите социјални услуги на граѓаните – рече Тренчевска.

Министерот за здравство, Фатмир Меџити истакна дека во однос на пристапот до услуги за долготрајна нега во земјава, во препораките од студијата токму јавната здравствена установа Геронтолошки завод е посочена како позитивен пример за зајакнување на хоризонталната интеграција.

– Навистина ме радува фактот што една установа од јавното здравство е пример за интегрирање на геријатриска, долгорочна и палијативна нега, а воедно и водечка здравствена установа во државата, што обединува различни дисциплини на здравствена и социјална заштита. Министерството за здравство во континуитет ги поддржува акциите на Црвениот крст, а мене ми претставува чест што денеска сум меѓу вас, врвни хуманисти, наши партнери и поддржувачи на Црвениот крст, истакна Меџити.

Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити рече дека оваа студија покажала дека состојбата е иста или слична не само во регионот туку и во Европа и дека помага да се направи страгија за следните децении.