Огромен украински напад со дронови врз Русија. Нападната е и Москва, загина жена
Дури 140 дронови испрати украинската војска на многу цели низ Русија. Привремено затворени трите аеродроми во Москва
Над 140 украински беспилотни летала целеле повеќе руски региони во текот на ноќта, вклучително и Москва и околните области, при што загинало најмалку едно лице, соопштија официјални лица во вторникот, во еден од најголемите напади со беспилотни летала на руска територија од почетокот на војната.
Една жена загина, а три лица се повредени во градот Раменское, непосредно близу Москва, каде што беспилотните летала погодија две повеќекатни станбени згради и предизвикаа пожари, изјави гувернерот на московскиот регион Андреј Воробјов. Пет станбени згради се евакуирани поради паѓање на остатоци од дрон, рече Воробјов.
Нападот, исто така, ги поттикна властите привремено да затворат три аеродроми надвор од Москва – Внуково, Домодедово и Жуковски. Вкупно 48 летови биле пренасочени кон други аеродроми, според рускиот орган за цивилно воздухопловство, Росавијација.
Цел на нападите биле неколку руски региони, меѓу кои Брјанск, Москва, Тула, Калуга, Белгород, Курск, Орел, Воронеж, како и Краснодарски крај.
Русија тврди дека уништила најмалку 20 беспилотни летала во московскиот регион, кој има повеќе од 21 милион жители, и уште 124 во осум други региони. Тоа е еден од најголемите напади со украински беспилотни летала досега.
Украина сѐ уште не го коментираше нападот.
Видеата од експлозиите кои се слушнаа над областа Брјанск беа објавени од локалните жители на социјалните мрежи половина час по полноќ по локално време. Гувернерот Александар Богомаз тврди дека противвоздушната одбрана соборила 59 украински беспилотни летала во текот на ноќта.
Подоцна во ноќта, градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, исто така, тврдеше дека повеќе од десет беспилотни летала биле соборени над Московската област на пат кон главниот град.
Остатоците од дронот пронајдени во близина на аеродромот, на 36 километри од центарот на Москва
Russian channels are saying Ukraine conducted another large-scale UAV attack on Russia tonight, including in Moscow, Bryansk, Kaluga, Kursk, Tula, Belgorod, Voronezh, and Oryol, and Lipetsk oblasts. The Russian MoD claims 144 UAVs were destroyed.https://t.co/ptvVcaloVU… pic.twitter.com/NyLvr1i5qs
— Rob Lee (@RALee85) September 10, 2024
Украинците се повеќе напаѓаат со дронови. Во последниве месеци, украинските сили ги засилија нападите врз цели на руска територија, со цел да ја оштетат руската нафтена индустрија и објектите што ги користат Русите за воени цели.
Во текот на ноќта на 1 септември десетици беспилотни летала нападнаа неколку руски региони, а руското Министерство за одбрана тврди дека соборило 158 беспилотни летала.
Во меѓувреме, Русија ја погоди Украина со проектили, бомби и свои беспилотни летала, убивајќи над 10.000 цивили, според Обединетите нации.
Денис Шмихал, премиерот на Украина, изјави дека земјата го зголемила производството на оружје оваа година, објави АФП.
„Во првите осум месеци од 2024 година, го удвоивме производството на оружје во споредба со 2023 година. Имаме напредок. Производството на дронови продолжува да расте“, рече премиерот, истакнувајќи дека Украина планира да произведе над милион дронови до крајот на годината.