„Оган и ништо“ – по речиси половина век, нов избор од поезијата на Бранко Миљковиќ во препев на македонски јазик


По речиси половина век од објавувањето на претходниот, прв избор од поезијата на Бранко Миљковиќ во препев на македонски јазик, објавен е нов избор од творештвото на големиот српски и јужнословенски поет што меѓу првите ја ослободи книжевноста од пригодноста и дидактичноста, од практицистичките и прозаични, чисто фолклористички потреби.

„Матица македонска“ го објави изборот „Оган и ништо“ приреден и препеан од македонскиот поет, книжевен критичар и преведувач, Раде Силјан, којшто е уште една потврда дека Миљковиќ, мошне автентично ја возвиши поетската реч на пиедесталот на препознатливост во пошироки тематско-естетски рамки.

Новиот избор приреден од Силјан е обемен и критички опфаќа песни од сите книги на Миљковиќ. Претходниот избор од поезијата на Миљковиќ беше објавен во 1979 година, и исто беше приреден и препеан од Силјан, а доживеа преобјави и во 1986. и во 1988. година. „Оган и ништо“ е објавен во оваа, 2025 година, во пресрет на 65-годишнината од трагичната завршница на физичкиот живот на Миљковиќ и по чествувањето на 90-годишнината од неговото раѓање. Всушност, ова издание е и критички избор – резултат на повеќедецинската посветеност на Раде Силјан на поезијата на поетот за којашто самиот тој има напоменато дека е „елоквентна, честопати премногу дотерана, верна на една концепција на книжевноста според која конкретниот предмет, убавината и грациозноста на јазикот се од пресудно значење“. Станува збор за редок случај во македонски и во јужнословенски рамки – за толкава фасцинираност и посветеност на поезијата на друг поет – претходник и соврменик, и тоа од периодот на раната творечка фаза до зрелата творечка доба на Силјан.

– … Една маѓесна сила провејува во поезијата на Миљковиќ. Оттука и авторовата инвентивност секојдневните глетки на животот да ги врами во кругот на поетскиот свет; оттука и мошне лапидарно изразените пораки, беспредметното го прават предметно, нестварното – стварно, измисленото – вистинито… …Тој немир, тој внатрешен порив што како оган и пепел проблеснува од стиховите на поетот, придонесува пораката да се сфати и прифати едноставно и целосно, со верба во нејзината длабока филозофска изнијансираност. Во стиховите на Бранко Миљковиќ има рафинирана музика и уверливи слики; едноставно, во нив е присутен луциден исказ, проткаен со внатрешен мисловен набој, напоменува меѓу другото Силјан во поговорот на изданието.

Делото на Бранко Миљковиќ, колку да се расчленува, и колку да се надградува на тлото на Србија, пред сè на поезијата на Дис, Лаза Костиќ, Дучиќ, Васко Попа, Давичо, како и на остварувањата на Елиот, Жак Превер, Хелдерлин, Маларме, Рилке, Мајаковски, Пастернак, Мандељштам, Блок и други, без сомнение, по својата висока уметничка доблест е автентично и неодминливо. Меѓу критичарите постојат различни толкувања и разидувања; изразени се многу пофалби, информативни и аналитички; негирани се доста формални страни во неговата поезија, меѓутоа, заклучокот е речиси идентичен кај сите: поезијата на Миљковиќ е израз на едно време, осмислено сфаќање на огнот и смртта – вдахновено и оригинално.