Официјално пуштена во употреба компресорската станица за хируршките клиники


Компресорската станица за хируршките клиники во комплексот клиники Мајка Тереза, денеска официјално беше пуштена во употреба.

Министерот за здравство, Арбен Таравари изрази задоволство што освен континуирани инвестирања во реновирања и опремувања во здравството, се решавале и долгогодишни наследени проблеми како овој со станицата. Тој истакна дека за среќа, функционира и старата компресорска опрема, со што, како што нагласи, би се избегнале проблеми како минатогодишните. Во изјава за медиумите, тој ги наброја салите што ја користат оваа станица, нагласувајќи дека сите што ќе сакаат, ќе можат да се приклучат.

– Станицата веќе се користи, тестирана е и по сите стандарди. Има три нови компресори, комплетно нова инсталација. За среќа тука е и стариот компресор што ќе стои како бекап, за да не ни се случи повторно проблем. Со новата компресорска станица се покриени сите 18 хируршки сали на хирургија, салите на оториноларингологија и офталмологија, максилофацијална хирургија, изјави Таравари.

Во мај, лани, операционите сали на Клинички центар беа затворени поради непријатна миризба. За итни интервенции, пациентите се упатуваа во Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ и во Градската општа болница „8 Септември”. Компресорската станица, изградена пред околу 33 години, требалo да биде променета уште пред три години. Неработењето на оперативниот блок се сметаше за тежок удар врз Клиничкиот центар како столб на здравството, а другите болници се соочуваа со енормно зголемен број пациенти. 

На први јули, беше соопштено дека е објавен тендер за компресорите што не работат. Во средината на јули, беше поништена постапката за набавка, монтажа и пуштање во работа на систем за компримиран воздух за операционите сали на хируршките клиники, бидејќи не пристигнала ниту една понуда. Потоа следуваше друг тендер.

На 22 јануари, Министерството за здравство информираше дека во целост е завршена монтажата и инсталирањето на системот за компримиран воздух на комплексот клиники „Мајка Тереза“ – Скопје.