Одобрен историски договор за воведување глобален данок

Претседателите на држави и влади од Г20 денеска го одобрија историскиот договор за реформа на меѓународниот даночен систем, кој би требало да ги укине даночните засолништа со воведување минимален корпоративен данок од 15 отсто на добивка на мултинационалните компании.
„Денеска сите претседатели на земјите од Г20 го одобрија историскиот договор за новите меѓународни даночни прописи, па така и за минималниот меѓународен данок, кој ќе го прекине натпреварувањето за намалување на данокот кога станува збор за оданочување на комапниите“, рече во соопштението американската министерка за финанасии Џенет Јелен.
Договорот ќе важи во 136 земји
Новите правила би требало да стапат на сила од 2023 година, а официјално ќе биде потврден во завршната изјава на Г20 во недела, велат извори блиски до преговорите во Рим.
Договорот на почетокот на октомври го постигнаа 136 земји кои со повеќе од 90 отсто учествуваат во светскиот БДП, под покровителство на Организацијата за економска соработка и развој (OECD). Реформата треба да им овозможи на овие земји, благодарение на овој минимален данок, да остварат дополнителна заработка од некои 150 милијарди долари.
Дел од договорот е и обврската дел од данокот на добивка мултинационалните компании да плаќаат во змејата во која ја оствариле добивката. Значи, данок нема да плаќаат повеќе во земјата во која се регистрирани.
Сакаат да спречат големите корпорации да плаќаат смешно мали даноци
Овој договор е насочен кон компаниите кои во светот остваруваат промет поголем од 20 милијарди евра и кај кои рентабилноста е поголема од 10 отсто. Тој праг, по седум години би можел да се спушти на 10 милијарди долари.
Задачата на оваа реформа е да спречи мултинационалните компании, особено GAFA (кратенка за Гугл, Амазон, Фејсбук и Епл), кои извлекоа голема корист од пандемијата со Ковид-19 и рестриктивните мерки, да плаќаат смешно мали даноци во однос на приходите.
Се воведува минимален данок на добивка на мултинационалните компании
Друг дел од реформата е воведување минимални даночни стапки од 15 отсто на добивка на мултинационалните компании. Државите сега ќе можат да наплаќаат данок дури и ако веќе платиле пониски даноци во други држави за да се надокнади разликата.
Факт е дека Ирска, Унгарија и Естонија на почетокот на октомври во последен момент се приклучија на договорот кој овозможи OECD да ги заврши преговорите во очи состанокот на врвот во Рим.
Нивното придружување е многу важно затоа што Франција сака да го искористи своето претседателство со Европскиот совет од јануари 2022 година за да донесе европска уредба за минимален данок, за која е потребна едногласна одлука.