Одлуката на пекарите е меч со две острици за нив


Фото: Б. Грданоски

 

Ретко која ситуација во македонското општество предизвика толку многу силни реакции во јавноста како настаните поврзани со лебот и неговата цена. Економистите ги спротиставија аргументите кои во голем број од аспектите се дијаметрално различни.  Дел од нив сметаат дека одлуката на Владата е оправдана но задоцнета, а други мислат дека таа е ад хок донесена и погрешно креирана.

Професорот Марјан Петрeски во разговор за „Локално“ повикува на трпение и расчистување на ситуацијата за да се обелодени дали во заднината се затскриваат евентуални монополски интереси. „Замрзнувањето на цените и маржите може да е оправдано кога рефлектира ценовен притисок од практики налик на картелско здружување. Ако пазарот на леб е конкурентски, тогаш не треба да нѐ загрижуваат какви било најави за неснабдување со леб, бидејќи ако некој не сака да понуди леб, ќе има друг понудувач што тоа ќе сака да го направи – да му дадеме неколку денови за прилагодување. Ако тоа не е случај, тогаш имаме чиста позиција за делување на Пазарниот инспекторат и Антимонополската комисија“, вели Петрески.

Според него, во владината одлука недостигаат поконкретни и поиздржани анализи особено во делот на тоа дали субвенционираната цена на електричната енергија за прехранбената индустрија спречила дополнителен раст на цената на лебот.

„Важно да се знае кој друг вид трошок – цена на пченица, цена на работна сила – влијаел врз неопаѓање на цената, затоа што тврдењето на индустријата беше дека цената не може да се намали поради високата цена на електричната енергија, која во меѓувреме се намали на берзата во Унгарија. Исто така, на глобалниот пазар, цената на пченицата паѓа уште од јуни лани. Ако влезните трошоци се намалувале, а немаме пад на цената на лебот, тогаш нема оправданост државата, односно даночните обврзници, да вршат субвенционирање“, вели Петрески.

За економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ нема дилеми за оправданоста на одлуката на Владата да стави крај на како што вели, разгаленоста на пекарите и нивното зголемување на добивките.

„Одлуката на пекарите да не доставуваат леб е безобразна и нечовечна. Не смеете во ваква криза, кога стотици илјади луѓе во државата одвај преживуваат, да го оставите народот без леб. До вчера земавте државни пари, правевте милионски профити додека илјадници тонеа во сиромаштија, и сега кога некој реши малку да ви ги скрати профитите, вие ќе оставате цела држава без леб. Пекарите и со цена од 33 денари се во добивка, не се во загуба“, вели Јовановиќ за „Локално“.

Тој е убеден дека одлуката да не произведуваат леб ќе биде контрапродуктивна за пекарите. „Народот е револтиран, нема сигурно да застане на нивна страна. И ќе најде начин да преживее. Некој ќе купува од поскапите лебови, некој ќе си меси“, вели Јовановиќ.