Одлука за Владата да ја доправи Универзална не може да се донесе денеска


Дали Град Скопје ќе ја отстапи Универзалната сала на Владата ќе одлучи Советот на Скопје, соопшти денес градоначалничката Данела Арсовска. Извести дека има иницијатива од дел од советниците салата времено да се отстапи на Владата.

– Универзалната сала е симболот на градот. Тоа не е одлука која што јас како градоначалник, ниту можам ниту сакам да ја направам. Истата поради несоодветно планирање и проектирање е соочена со бројни проблеми и сметам дека овие работи треба да се дискутираат и разговараат како точка на дневниот ред како иницијатива. Одлука не може денес да се донесе – порача Арсовска.

На 16 ноември лани, министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, информираше дека имаат комплетна согласност од градоначалничката за Универзална сала целосно да ја преземе Министерство за култура. Истиот ден, Градот Скопје соопшти дека околу ова прашање Градот ќе изјасни откако ќе добие официјално барање од министерството.