Одложена собраниската Комисија за образование, наука и спорт


Фото: Б. Грданоски

По едночасовната пауза на Комисијата за образование, наука и спорт, попладнево повторно дојде до несогласување на опозициските пратеници и претседателката на Комисијата Жаклина Лазаревска од СДСМ околу дневниот ред, по што таа ја одложи седницата.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ констатираа дека нема услови да се продолжи со оваа Комисија, поради тоа што нема присутен претставник на власта.

Пред паузата, Лазаревска истакна дека дневниот ред бил изгласан со осум гласа „за“ на седницата на 17 јуни 2021 година и затоа продолжуваат со работа. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, пак, кои собрани пред претседателката реагираа бурно, негираа дека дневниот ред тогаш бил усвоен и побараа снимка од таа седница. Инсистираа дека треба да им се дозволи процедурални излагања пред усвојување на дневниот ред.

По подолго време, за денеска  беше закажано продолжение на оваа седница на која уште од јуни на дневен ред се Предлог-законот за именување и дополнување на Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Бирото за развој на образованието, двата во прво читање.