Одложена изградбата на мегагасоводот „Силата на Сибир 2“
Изградбата на долго планираниот мегапроект, кој ги поврзува руските гасни полиња со Кина, е одложена поради ценкање.
Гасоводот „Силата на Сибир 2“ (познат и како „Алтаи“ гасовод), кој треба да ја минува монголската територија, е приоритет за Москва повеќе од една деценија и доби уште поголемо значење откако Европа го ограничи увозот на руски гас како одговор на сеопфатната инвазија на Путин на Украина.
Монголскиот премиер Лувсаннамсраин Ојун-Ерден откри за Фајненшл тајмс дека изградбата на гасоводот меѓу Русија и Кина ќе се одложи до понатамошно известување, додавајќи дека на двете страни им „треба повеќе време да спроведат подетални економски студии“.
Масовниот инфраструктурен проект требаше да започне на почетокот на оваа година, но рекордните глобални цени на гасот во последните две години ги комплицираа преговорите меѓу Пекинг и Москва. „Кинеската и руската страна сè уште вршат пресметки на вредноста и проценки на инвестициите и се договараат за економските придобивки“, додаде Ојун-Ерден.
Рускиот државен енергетски гигант „Гаспром“ започна физибилити студија за проектот уште во 2020 година и сака гасоводот да биде оперативен до 2030 година. Рускиот вицепремиер Александар Новак изјави дека времето за изградба ќе биде финализирано по потпишувањето на обврзувачките договори со кинеските партнери.
Гасоводот „Силата на Сибир 2“ (ПС-2) ќе минува од полуостровот Јамал во западен Сибир, преку Монголија, сè до североисточна Кина. Би се протегал 3.550 километри, од кои 950 километри би поминувале преку монголска територија.
Кина веќе добива гас од источна Русија преку гасоводот „Силата на Сибир“ (ПС-1), кој започна со работа во 2019 година. Минатата година овој гасовод транспортираше приближно 23 милијарди кубни метри гас, а се очекува да го достигне својот полн капацитет од 38 милијарди кубни метри во 2025 година.
Новиот гасовод ќе донесе уште 50 милијарди кубни метри гас во Кина, што ќе создаде нов пазар за гасот што Москва претходно и го продаде на Европа. Пред инвазијата на Путин, рускиот гас сочинуваше приближно половина од вкупниот увоз на ЕУ, односно повеќе од 150 милијарди кубни метри руски гас пристигнуваше во Европа годишно.
Сергеј Вакуленко, поранешен директор за стратегија за „Гаспром Нефт“ и соработник во Карнеги фондацијата за меѓународен мир, рече дека Русија најверојатно ќе бара подобри финансиски услови од Кина отколку што постигна во договорот ПС-1 потпишан во 2014 година, кога глобалните цени на гасот беа значително пониски. Иако условите од договорот ПС-1 не се јавно достапни, анализата на Вакуленко на податоците покажува дека Русија продавала гас по значително пониска цена од Туркменистан или Узбекистан, кои исто така ја снабдуваат Кина со гас.

„Од една страна, Кинезите немаат многу за размислување бидејќи им треба овој гас. Од друга страна е Русија, која има многу гас и сака подобри услови. Претпоставувам дека има пазарење во моментов“, смета Вакуленко.
Кинеското Министерство за надворешни работи директно не ги коментираше преговорите, но истакна дека природниот гас е важен аспект на кинеско-руската енергетска соработка.
„Двете страни постојано соработуваа во областа на природниот гас врз основа на принципите на взаемно почитување и взаемна корист“, се вели во соопштението на Министерството за ФТ, пренесе Јутарњи лист.
Аналитичарот на „Ристад енерџи“, Веи Ксионг, рече дека локалната индустрија во Кина сè уште смета на почетокот на работата на гасоводот во 2030 година за да ја задоволи растечката кинеска побарувачка.
„Иако цените на гасоводот пораснаа во последниве години, тие сè уште се многу пониски од увозот на течен гас“, рече Ксионг, мислејќи на течниот природен гас што пристигнува во Кина од Австралија и Катар.
„Долгорочно, на Кина и треба и двете за да го диверзифицира снабдувањето со гас“, заклучи таа.