Одлични финансиски резултати на Комерцијална банка, за девет месеци добивка од 49,5 милиони евра


Водечката банка во земјава, Комерцијална банка АД Скопје за деветте месеци од годинава прикажа позитивни финансиски резултати за почит. Во овој опериод од годината остварен е позитивен финансиски резултат во износ од 3.047,7 милиони денари  (околу 49,5 милиони евра), што во однос на истиот период лани (кога изнесуваше  1.850,8 милиони денари) претставува зголемување за фантастични 64,7  отсто.

Како што се посочува во коментарот на неконсолидираните и неревидираните Биланс на успех и Биланс на состојба на банката, доставени до Македонската берза планираната бруто-добивка за трите квартали од 2023 година е остварена со 133,2 отсто.

„Притоа, остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 49,5 отсто
поголема во однос на истиот период минатата година“, се вели во известувањето до Берзата.

Од банката посочуваат дека зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемените приходи од редовно работење, односно од нето-приходите од камати кои бележат значително зголемување што се должи на континуираниот пораст на основната каматна стапка на Народната банка и на каматните стапки на странските финансиски пазари, во комбинација со структурата на активата на Банката. Зголемувањето на каматните стапки е резултат на напорите за намалување на инфлацијата на светско ниво.

Позитивниот резултат од работењето Банката го оствари во услови на зголемена неизвесност поврзана со случувањата на меѓународните финансиски пазари, сѐуште висока инфлација која бележи одредено забавување, како и натамошно затегнување на монетарната политика, велат од Банката во известувањето.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 5.115,7 милиони денари и бележат зголемување од 31,6 % во однос на истиот период од минатата година.

Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 30.09.2023 година истите бележат зголемување од 80,7 % во однос на истиот период од минатата година.

„Притоа треба да се укаже дека иако пораст бележат сите категории каматни приходи, најголемо влијание има порастот на каматата од финансиски друштва, а во помал обем влијае и порастот на приходите од камати од нефинансиски друштва, нерезиденти и држава“, се вели во известувањето.

На пример, зголемувањето на каматните приходи остварени од финансиските друштва, каде доминираат пласманите во благајнички записи и депозитите во НБРСМ, се деветкратно поголеми, а кај нерезидентите, каде преовладуваат пласманите во странски банки се петкратно
поголеми од приходите остварени во истиот период минатата година.

Во текот на минатата година започна циклус на затегнување на монетарната политика преку
зголемување на каматните стапки, како во ЕУ и САД, така и кај нас. Така, каматната
стапка Euribor, која во третиот квартал од 2022 година се движеше од минимално под
нула до околу 2 % кај 12-месечниот Euribor, оваа година достигна околу 3,5 % – 4 %. Кај
благајничките записи, каматната стапка започна да се зголемува во април 2022 година и
на 30.09.2022 година изнесуваше 3,00 %, додека на 30.09.2023 година истата достигна
6,30 %. Истовремено, Народната банка ги зголемуваше каматните стапки на депозитите
пласирани преку ноќ и до 7 дена, при што истата се зголеми од 0,90 % и 0,95 % соодветно
во септември 2022 година, на 4,20 % и 4,25 % соодветно во септември 2023 година.
Каматната стапка на државните записи во периодот јануари-септември 2022 година од
0,40 % се зголеми на 4,25 % во истиот период од 2023 година, или 5,25 % кај
двегодишните државни обврзници, па сѐ до околу 7,00 % кај еврообврзниците. Исто така,
просечната пондерирана каматна стапка на депозитите во странски банки со состојба
30.09.2023 година, споредено со истиот период минатата година, е зголемена од 2,39 %
на 4,49 %. Токму затоа, во билансот на Банката, приходите од камати кај финансиските
друштва и нерезидентите збирно, се значително поголеми од приходите од каматите кај
населението. Исто така, збирните приходи од каматите кај финансиските друштва,
нерезидентите и државата се поголеми од приходите од камати кај правните лица.

Банката ги оствари овие резултати благодарение на структурата на активата, во која над
56 % од пласманите се во парични средства, парични еквиваленти и пласмани во хартии
од вредност, што влијаеше на одржување на висока ликвидност и профитабилност од каматни приходи. Како резултат на ваквите движења, нето-каматната маржа на ниво на
Банката се зголеми од 2,10 % заклучно со крајот на третиот квартал од минатата година,
на 3,56 % со 30.09.2023 година.

Нето приходите од провизии и надоместоци на 30.09.2023 година изнесуваат 797,3
милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување
од 2,4 %. Планот за анализираниот период е остварен со 88,4 %.

Нето приходите од курсни разлики на 30.09.2023 година изнесуваат 271,3 милиони денари и бележат зголемување од 19,6 %, како резултат на одржувањето на зголемено ниво на отворената девизна позиција (ОДП) во однос на сопствените средства кое овозможуваше да се максимизираат нето-позитивните курсни разлики од тековно работење без да се загрозат исполнувањето на вкупните капитални барања и потребите за девизи на клиентите. Одредено влијание во оваа позиција има и евидентирањето на курсните разлики од арбитражи на девизен пазар и со странство, кои во истиот период минатата година се евидентирани во останати приходи/останати расходи, соодветно. Планот за анализираниот период е остварен со 148,9 %.

Останатите приходи од работењето на Банката на 30.09.2023 година изнесуваат 222 милиони денари и бележат намалување од 70,8 % во најголем дел како резултат на значително помалиот износ на наплатени претходно отпишани побарувања, како и поради извршена измена на евидентирањето на приходите од девизно работење, кои од 01.01.2023 година се евидентираат во позицијата курсни разлики. Планот е остварен со 48,0 %.

Оперативните расходи за периодот 01.01-30.09.2023 година изнесуваат 1.520,6 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се зголемени за 2,6 % како резултат на зголемен износ на плати и други трошоци на вработените поради зголемување на вредноста на бодот во два наврати (кон крајот на 2022 година и во вториот квартал од 2023 година), како и зголемената амортизација. Планот е остварен со 96,9 %.

Во периодот од 01.01-30.09.2023 година, Банката прокнижи загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа во износ од 2 милиони денари, во согласност со регулативата од НБРСМ.

Во извештајниот период Банката прокнижи исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансни изложености на нето основа во износ од 545,3 милиони денари, наспроти 546,8 милиони денари во истиот период минатата година.

Кај Билансот на состојба се наведува дека вкупната актива на Банката на 30.09.2023 година достигна износ од 159.123,3 милиони денари и во однос на декември 2022 година бележи зголемување од 5,4 %.

Зголемувањето на вкупната актива се должи на зголемените парични средства и парични
еквиваленти, вложувањата во хартии од вредност, кредитите на комитенти и кредитите
и побарувања од банки.